Копривите – стимулатори на растот и уништувачи на инсектите

Денес, најефикасен вид на борба против растителните патогени е примената на хемиски средства [пестициди]. Меѓутоа, при користење на пестицидите треба да се води сметка, бидејќи многу од нив претставуваат силни отрови, како за луѓето, така и за домашните животни. Посебна опасност претставуваат труењата кои се засноваат на примена на растителни производи веднаш по апликацијата на пестицидите. Заради последиците што пестицидите може да ги предизвикаат кај луѓето, домашните животни и животната средина, потребно е да се развиваат алтернативи во заштита на култивираните растенија кои се прифатливи за животната средина. Поаѓајќи од фактот дека растенијата како еден вид сопствена заштита создаваат биоактивни метаболити кои го спречуваат развојот на разни патогени организми, во последниве години се повеќе расте интересот за примена на растителни екстракти и готови препарати на растителна база во заштита на растенијата.

Urtica dioica

Примената на вакви биопрепарати овозможува да се избегне токсичност на растителните и животинските производи, како и негативните ефекти врз животната средина при користење многухемиски средства. Копривите претставуваат растенија кои имаат позитивно дејство врз растот и размножувањето на голем број култивирани видови. Имено, коприва засеана покрај зеленчук, во однос 1:100 со главната култура дејствува стимулативно врз културата. Копривите, пак, што се засеани покрај морков дејствуваат како заштита бидејќи некои инсекти, како лисните вошки, попрво се хранат со копривата отколку со морковот. Иако многу инсекти се хранат со коприва, таа дејствува и одбивно за многу други инсекти. Свежа коприва обесена во кујнски орман ги одбива мушичките и молците.

Копривата, исто така, се бере и како храна за домашните животни. Urtica dioica (обична или голема коприва) претставува повеќегодишно тревесто растение со четириаголно стебло кое достигнува висина до 2 м. Листовите со јајцевидна форма, остар врв и грубо, пилесто засечени рабови, имаат прилисници и се поставени едни наспроти други. Стеблото и листовите се покриени со жарни влакна кои при допир предизвикуваат црвенило и осип на кожата. Растението е дводомно и образува неугледни зеленкасти цветови кои се развиваат од јуни до септември. Машките цветови се исправени, додека женските обично висат. Urtica urens (мала или грчка коприва] претставува едногодишно и еднодомно растение кое достигнува висина до 60 см. Има поситни листови од големата коприва кои се елипсовидни и остро пилесто засечени по рабовите.

Извор: Моја земја

Најнови вести

Најново од Агро Бриф

Најчитани вести