Капитал: 100% е зголемен увозот на месо во последните осум години, домашните производители пред колапс

Домашните производители на месо без помош од државата не можат да му конкурираат на увозното месо кое е и субвенционирано и извозно стимулирано од матичните држави. Македонските фармери секоја наредна година се помалку моќни за да можат да ја одржат и вака ниската бројка на сточниот фонд , а домашното производство на основниот ресурс- сточната храна, како и воопшто да не постои. Државата мора да најде начин да ги заштити домашните производители од нелојалната конкуренција предизвикана од стимулираниот увоз, а тоа најдобро ќе го направи преку нови и конкретни мерки за јакнење на домашното производство. Условувањето на субвенциите со поседување на сопствена земја за производство на сопствена сточна храна е една од таквите мерки кои ја предлагаат експертите, пишува Капитал

Дуплиран увоз на месо, десеткуван домашен сточен фонд, значително намалено домашно производство, банкротирани повеќе фирми производители и преработувачи на месо. Во кратки црти ова е состојбата во која денес се наоѓа македонската месна индустрија. Домашното производство на месо е во очајна состојба, а оние производители на месо кои се уште живуркаат велат дека се бројат месеците кога Македонија ќе стане целосно увозно зависна. Ова е поразително за една земја, посебно што трендот на изумирање на доашната месна индустрија се случува во период кога од буџетот се даваат стотици милиони евра за поддршка на земјоделието и за фармерите.

Статистиката само ги потврдува констатациите на луѓето од месната индустрија.
Капитал анализира кои се причините за ваквата состојба и кои се можните решенија за зголемување на домашното производство на месо.

 Субвенционираното увозно евтино месо

Македонија во 2014 година увезла месо и месни преработки во износ од 144 милиони евра. Тоа не е голем раст во однос на увозот од 123 милиони евра во 2013 година. Но, ова е најголемиот увоз месо во последните осум години. Во споредба со 2007 година, кога Македонија увезувала месо во вредост од 71,7 милиони евра, увозот лани е двојно или за цели 100% поголем.
Причините за ваквата алармантна состојба кај увозот на месо се објаснуваат со недоволната конкурентност на домашното производство во однос на евтиното месо од увоз. Но, производителите на месо имаат поинаков поглед на работите.

„Погрешна е перцепцијата дека странските компании кои увезуваат месо во Македонија се нешто подобри од нас и затоа постигнуваат пониска цена. Тоа апсолутно не е точно, бидејќи сите главно работиме според истите принципи, со истите берзански цени на храната, а дополнително ние во Македонија работиме и со поевтина работна сила и немаме трошоци за транспорт. Значи, увозните производи ја постигнуваат екстремно ниската цена со помош на државни субвенции за производството и дополнителни увозни субвенции. Затоа се толку поевтини од нас и ни го земаат пазарот“, вели Томе Бабунски од велешката компанија Агриа која долги години се занимава со производство на месо.

Нашиот втор соговорник кој неколку децении е во индустријата за производство на месо ни даде уште појасна слика на работите и состојбите со години наназад.

„Треба да се знае дека производството на месо секогаш било слаба страна во Македонија. Од кога јас знам увезуваме говедско и пилешко месо. Во текот на 90-те години увезуваме 95% од месните преработки. Сега со развојот на таа индустрија навистина постигнавме голем успех, бидејќи во моментов ние сме нето извозници на месни преработки. Е сега за овој растечки тренд да го пресликаме и во производството и извозот на свежо месо треба навистина многу да се вложи. Тоа дефинитивно поеднично не може да се направи, туку е потребна посеопфатна стратегија за јакнење на домашното производство на месо. Ниеден македонски бизнисмен не може или многу тешко може да издржи период од 39 месеци додека јунешкото месо стаса за продажба. Ако немаме таква стратегија и ако не се преземат мерки производството и понатаму ќе паѓа, што е и логично бидејќи де факто ние немаме производство“, констатира нашиот соговорник кој побара да остане анонимен.

Бабунски и останатите негови колеги кои ги консултиравме се согласни дека постојат само два начина да се подобри состојбата. Првиот е зголемување на царинските давачки за увоз на месо (што е скоро невозможно со оглед на трговските договори кои ги има потпишано Македонија и со ЦЕФТА и со ЕУ) , а вториот секако е менување на моделот на субвенционирање во делот на стимулирање на домашното производство на месо на наменски начин.

„Треба дефинитивно да се расчисти дека ние и поголем дел од домашните производители сме способни да се носиме со конкуренцијата ако таа е реална и функционира според пазарните правила. Но, бидејќи тоа во моментов не е така, нашата држава би требало да го заштити домашното производство. Ако тоа не може да го направи со царинските ограничувања тогаш нека го направи со адекватни стимулации и субвенции“, додава Бабунски.

Извор: Капитал

Најнови вести

Најново од Агро Бриф

Најчитани вести