Анета Василева со втора книга: „Умри женски“

Втората книга на писателката Анета Василева насловена „Умри женски“, издание на издавачката куќа „Силсонс“, деновиве излезе од печат. Се работи за збирка поезија, која долги години чекаше да ѝ дојде редот и да се појави пред своите читатели.

-Тргнете прекутрупа за да ви се отвори поезијата на Анета Василева во збирката „Умри женски“, а не по заводливата насока што самата ја посочува како женски антипод на бесмртниот Брус Вилис во веќе култниот филм „Умри машки“, зашто таа поезија е побуна против хероизмот, гнев против востановените вредносни системи, незадоволство од начинот на кој Господ ги поделил страдањата и задоволствата, пишува Георги Барбаровски, рецензентот и промотор на оваа збирка поезија.

umri_zenski

Според Барбаровски новата книга на Василева „Умри женски“ е побуна против пристојноста, лажниот морал, дволичноста.

-Оригинална, до грубост отворена, лишена од поетска драперија. Поезија која треска на вратите и влетува без да чека да ѝ отворат. Со право – додава Барбаровски.

-Уште со провокативниот необичен наслов, таа го свртува вниманието на себе си и на своето поетско дело. „Умри женски“ е поезија на жена со модерен сензибилитет, без табу теми и поетски решенија ослободени од сомнежот како ќе биде разбрана. Тоа е поезија чиста и искрено напишана, еден автопортрет на современ модерен автор, ќе напише поетот Михаил Ренџов во својата рецензија со која го предложи ова дело за објавување.

aneta

Анета Василева е родена на 28.1.1982 г. во Кочани. Дипломирала на Филолошкиот факултет (Македонска книжевност и јужнословенски книжевности).

Членувла во поетските клубови „Копнеж” – Кочани и „Мугри” – Скопје и во драмскиот аматерски театар „Чекори”.
Дел од нејзиното творештво видел бел ден во алманасите на претходно споменатите клубови; прозните списанија „Лоза” и „Маргина”; дневните весници „Вечер”, „Време” и „Дневник” и во електронското издание на конкурсот на „Електролит“.
Добитник е на наградите „Студентски збор”, за најдобар краток расказ на конкурсот објавен во 2003 година, на наградата „Караманов” во 2004 г. за најдобра необјавена поетска збирка.
Збирката раскази „Сите авиони летаат над моето село” ѝ е објавена на 25 годишна возраст во склоп на наградата „Живко Чинго”, доделена од фондацијата „Рамковски“ за најдобра необјавена збирка раскази на конкурсот распишан во 2007 година.
По неполни 8 години таа ја објавува и својата втора книга „Умри женски“, што ќе биде промовирана на 8 април во „Матица Ексклузив“ со почеток во 19 часот, а изданието е поддржано од Министерството за култура.

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести