За увоз на пилешко месо од странство Македонија лани платила 60 милиони долари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Увозот на пилешко месо во земјава постојано расте во изминативе неколку години, бидејќи речиси сите живинарски фарми за производство на месо пропаднаа.
Така во споредба со пред пет години кога увозот на пилешко месо изнесуваше 39,6 милиони долари годишно, увозот е зголемен за цели 20 милиони долари или за високи 51%.
Производството на пилешко месо во Македонија е речиси уништено, велат познавачите на овој бизнис. Во Македонија денес се произведуваат само 300 илјади пилиња, во споредба со периодот пред седум години кога се произведувале 7 милиони пилиња.
Во поголемите македонски маркети денес за разлика од порано не може да се најде домашно произведено пилешко месо, туку само увезено замрзнато бразилско, американско, турско, и свежи пилиња од Словенија и Хрватска.
Според податоците на Стопанската комора, Македонија со домашно производство на пилешко задоволува само 20% од потребите, а останатиот дел се увезува од странство.


