Во Европската унија од 1 април се укинуваат производните квоти за млеко, со што сите европски земји ќе можат да произведуваат млеко колку што сакаат.
За прв пат во 30 години Европската унија во целост ќе го либерализира пазарот на млеко, иако од 2009 до 2013 година квотите за производтсво на млеко се зголемиле за 1%, со цел индустријата за млеко да може да ја задоволи растечката побарувачка.
Ирска веќе објави дека планира до 2020 година да го зголеми производството на млеко за 50%. Станува збор за земја која е мал производител на млеко, во споредба на пример со Германија и Франција, кои се водечки во овој сектор.
Германија најави зголемување на производството на млеко од 1% до 3% годишно до 2020 година. Во изминативе 30 години Германија речиси секогаш ги надминуваше производните квоти за млеко и заради тоа прекршување има платено казни од околу 2 милијарди евра.
Франција, која е втор најголем производител на млеко во ЕУ, се уште ги чувствува последиците од кризата во 2009 година, заради што мораше да ја намали цената на млекото за околу 30%.


