Фросина Ременски: Животот и слободата немаат цена!

Во моите 15 години работа во високо образование со генерации млади луѓе кои сега се дел од институциите на државата, зборувам, предавам, пишувам, истражувам и јавно говорам за вредностите и значењето на меѓуетничкиот соживот и меѓуверската толеранција како два клучни столба за националната безбедност на државата и безбедноста на граѓаните. Не отстапив ниту милиметар од овој мој личен и професионален став! Во тоа не ме поколеба, ниту конфликтот од 2001 година, нуту сите меѓуетнички превривања кои (очигледно) беа поттикнувани од лични фрустрации на нелуѓе кои управуваат со државата!
Знам и веруваме дека, вербата во заеднички и мирољубив живот на сите граѓани на РМ, без разлика на вера и припадност, ќе ја оддржи и зачува стабилноста на државата на безбедносен план, независно од патолошката фрустрација која како медицинска дијагноза зазема епидемиски размери во дел од нелуѓето кои управуваат со државата и креираат политики од кои зависи иднината на граѓаните и идните поколенија.
Помеѓу моите студенти имало и има припадници на безбедносните сили на РМ и на сите етнички заедници, и тие знаат дека, мојата главна цел во говорењето по ова прашање, била и ќе биде неутрализирање на негативната перцепција за другиот, надминување на стереотипите и предрасудите кои не оддалечуваат, но не не зближуваат, избегнување на секаков вид учество во групи кои поттикнуваат насилство кон другиот, непотпаѓање под пропаганда и манипулација дека помеѓу етничките групи не може да има соживот, максимално воздржување од говор на омраза кон различностите …
Завршував со еден заклучок, дека ниту еден конфликт не започнува со оружје, туку со говор на омраза; и дека, колку повеќе се воздржуваат од говорот на омраза и поттикнувањето на омразата, толку повеќе ќе ја поштедат полицијата од интервенирања во ситуации во кои животите ќе ги губат нечии татковци, синови, браќа …
Зборував и зборувам дека, само добриот збор, искреноста во комуникациите, чесноста и човекољубието може да го донесе просперитетот и мирот во РМ !
Длабоко погодена од разговорот помеѓу Гордана Јанкуловска и Мартин Протуѓер – од кој се гледа нивната нетолеранција и фрустрација кон нашите сограѓани, но и нивната наводна спремност да се расчистува со нив, како човек длабоко ме погоди кога двајцата владини функционери си ги споделија скриените желби „А ДА ИМАМЕ ВОЈНА?“, чиниш се работи за нормален разговор помеѓу двајца кои договараат средба. Заради вознемиреноста што ја чувствувам и заради мојот став дека ваквиот став, поттикнување и идеја од мое лично име до јавносто обвинистелство ќе поднесам кривична пријава за поттикнување на омраза во врска со дело против државата и безбедноста !
Јас не знам каде беа овие двајца кога РМ ги преживуваше случувањата од 2001 година!? Јас не знам дали овие двајца ја имаат почувствувано болката на семејствата што загубија блиски ?! Јас не знам дали, искрено жалеа за загубите кога „во нивно време“ им ги побараа назад паричните средства кои државата им ги додели?! Јас не знам, дали глумеа во жалтта за загубите на осуммината полицајци во полициската акција во Куманово ?!
После овој разговор, јас длабоко се сомневам во намерата на овие фрустрирани типови, да ја оддржат РМ мирна и стабилна !
Јас не се сомневам дека, граѓаните ќе знаат да ги проценат и оценат овие нивни намери зад кои се крие лажен патриотизам, во чие име тие се спремни да ги жртвуваат годините на младите генерации и животите на припадниците на безбедносните сили !
Од многуте прашања кои ги поставувам и за кои имам одговор, ќе издвојам само едно кое им го упатувам на припадниците на полицијата – оние кои треба да ги исполнат очекувањата на граѓаните и нивната уставна и законска обврска и да ги извршуваат наредбите на своите претпоставени:
Ако после се што ѝ се случи на РМ, што му им се случува на граѓаните, на Вашите колеги …, ако после се низ што поминуваат Вашите семејства, Вашите деца, исчекувајќи да им зазвони телефон и да го слушнат Вашиот глас, да слушнат дека сте добро и дека сте живи …, не разбирате дека, некој злобно си поигрува со Вашите животи и Вашето спокојство, ветувајќи Ви пари како надомест за Вашиот немир и трепет, тогаш време е да го отворите умот и да ги ставите под знак прашалник сите т.н., заложби на власта за силна Македонија !
Голема е иронијата да Ви се даде поддршка од оние кои до вчера го потпалуваа оганот на омразата и кои беа глумци во режираните претстави во кои Вие ги заложувате и ги давате своите животи !
Заборавија на Вас кога требаше да покажат вистинска грижа …, за Вашите права, за Вашиот вложен труд ! Се сетија дека постоите кога треба да се одбрани нивниот криминал и нивните злодела, затоа што знаат дека Вашата професионалност е закана за нивната режија !
Не дозволувајте да бидете инструмент во рацете на оние кои Ви ги земаат најубавите години од Вашиот живот, земаат од устата на Вашите деца, за да уживаат во луксуз, додека Вие лежите по прашливите дупки исчекувајќи го часот кога ќе си одите дома да ги гушнете Вашите деца !
Никој неможе да биде казнет ако застане во одбрана на вистината !
Секој има право да одбие наредба доколку се сомнева во исправноста, намерата и целта !
Затоа – не бидете маша во валканите раце на власта која мисли дека со пари се купува се ! Сите знаеме, а Вие најдобро знаете дека, парите нема да ги вратат згаснатите животи, спокојството и мирот во душите на семејствата кои имаат безброј прашања чијшто одговори нема да ги добијат за сите пари на светот !
ЖИВОТОТ И СЛОБОДАТА НЕМААТ ЦЕНА !

Пишува Фросина Ременски, потпретседател на СДСМ

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести