Аеродромот Александар Велики утрово беше преполн. Не, тоа не беа туристите кои пресреќни доаѓаат или си заминуваат од земјава, како што вели Сител, тоа беа млади луѓе кои одат да работат во Америка. И родители кои беспомошно со солзи во очите ги гледаа своите деца како заминуваат. Се тешеа дека таму сигурно ќе им биде подобро.
Некои од нив веројатно нема ни да се вратат, други ќе се вратат со надеж пак да заминат, трети ќе сакаат уште пред да полетаат да се вратат, заедничкото на сите нив им е што бегаат оттука, бидејќи нема просперитет.
Е, затоа барам оставка од Владата.
Затоа што ми ги брка другарите и другарките.
Затоа што премиерот се вози во мерцедес од 600 000 евра наши пари, наместо да ги вложи во младите.
Затоа што ви се побитни тендерите од тоа да создадете можности за вработувања и развивање на приватни бизниси.
Затоа што ви е побитно да создадете гласачка машинерија во администрацијата полнејќи ја со неспособни партиски кадри, наместо со квалификувани и образовани млади луѓе.
Затоа што не претворивте во бездна од која излезот е билет во еден правец.
Затоа што единствената шанса за бизнис ДОМА во моментов е продавање палома марамчиња на излезот од Аеродромот(со античко или без античко име) за родителите кои плачејќи гледаат во небото, додека авионот со нивните деца заминува.
По сето ова вие немате право на поправно, ни на преговори за излез.
Вашиот излез е оставка, робија и конфискација на се што ни украдовте.
Фејсбук статус на Ивана Туфегџиќ


