Некои аналитичари се сосема во право кога тврдат дека со сегашниот монопол врз медиумите од страна на Груевски, опозицијата има мали шанси да направи политички пресврт во земјата.
Во пресрет на изборите кои треба да се одржат до крајот на април идната година, опозицијата ќе мора да се избори барем за фер шанса во медиумите.
1.За постигнување на таа цел меѓународните посредници и опозицијата, треба да бидат способни да го принудат Груевски барем на оние отстапки на кои беше принуден диктаторот Пиноче во време на кампањата со која беше прекинато неговото владеење.
Пиноче тогаш дозволи на државната телевизија секоја вечер во најгледаното време опозицијата да емитува своја 15 минутна емисија во која опозицијата ги изнесуваше своите програмски определби, ги претставуваше своите кандидати, и своите ставови и мислења за политиката на Пиноче. Таа емисија се уредуваше, секој ден, во штабот на опозицијата а државната телевизија не смееше да менува ништо во неа, туку ја добиваше на видео касета и ја емитуваше. На диктаторот во тој перод му беше дозволено да одговара и да се рекламира исто така само во рок од 15 минути во истиот термин кој беше достапен за опозицијата.Тоа беше вистински „транзиционен период„ наложен од дотогашните меѓународни спонзори на Пиноче
Тоа секако не значеше создавање преку ноќ на модерен, професионален и политички непристрасен јавен радиодифузен сервис каков што би сакале да имаме ние, но значеше уривање на медиумскиот монопол на Пиноче, и можност ставовите на опозицијата, критиките и политичката понуда да стигнат до последното село во Чиле и до последниот гласач. Со еден збор, таа кампања во тие 15 минути на државната телевизија доведе до тоа на референдумот да му се каже „Не„ на натамошното владеење на Пиноче и да биде срушена неговата диктатура.
Прогласениот „транзиционен период„ до изборите е извонредна прилика за таков пробив на медиумскиот монопол на Груевски.
СДСМ но и другите опозициони партии во земјава не треба да се согласат да одат на избори без да си обезбедат веднаш, пристоен медиумски пристап до гласачите пред се преку државната телевизија а потоа и преку сите телевизии кои добиле национална концесија под строго пропишани услови и строго превземени обрски за објективно информирање.
2. За да се спречи масовното корумпирањето на приватните медиуми од страна на Груевски, кое е нотирано во извешатите на ЕУ, а е познато како купување влијание, опозицијата треба да инсистира на следново: „Од денот кога почнува транзицискиот период, до денот на одржувањето на изборите, владата, јавните претпријатија и општините да имаат право да се рекламираат и тоа бесплатно, само на програмите на јавниот радиодифузен сервис. На приватните телевизии со национална концесија ќе се определи со договорот дека е забрането рекламирање на владата , на јавните претријатија и на општините кои тоа го плаќаат со средства од буџетот а се до почнувањето на изборната кампања треба да биде забранета и секој вид на платена политичка програма од страна на политичките партии надвор од оние бесплатни 15 минути дневно за двете страни. Со тоа директно ќе биде ако не спречена барем ограничена можноста со средства од буџетот да се купува политичката подршка од медиумите со национална концесија .
3. И трето. Бидејќи 9 години откако е на власт лидерот на партијата на власт одбива да учествува во дебати со лидерите од опозицијата и да се појавува во програми на независните телевизии, договорот треба да ја содржи и следнава обврска за лидерите на партиите. Од денот на почнувањето на изборната кампања до денот на молкот да бидат организирани од страна на јавниот радиодифузен сервис и од страна на две други телевизии со национална концесија, во најгледаното време, три дебати меѓу лидерите од партиите на власт и партиите во опозиција на теми. Економија, политика и надворешна политика, според моделот по кој такви дебати се организираат во демократските земји. Ако некој од лидерите одбие да учествува во таква дебата дебатата ќе биде одржана без негово учество, односно на негова штета.
За почеток, овие три нешта би можеле во извесна мера да го променат медиумскиот амбиент во Македонија, да го намалат монополот врз медиумите од страна на власта и да и создадат на опозицијата елементрен пристап до клучните медиуми односно основи за приближно рамноправно преставување на нејзините програми и политички ставови. Опозиционите партии ќе добијат можност за инстант одговор на нападаите на кои се изложувани со што и негативната кампања и сатанизацијата на опозицијата и на граѓанскиот сектор од страна на власта ќе биде обезвреднета. А сето тоа е само приближно рамноправен медиумски третман на опозициата на кој Груевски мора да биде принуден за овој период да може да биде означен вистина како „транзиционен„ а не како период за зајакнување на неговата диктатура според моделот кој тој деновиве по 2. Јуни интензивно го практикува..
Пишува: Ѓорѓи Спасов


