И дефинитивно градот го уништи производството на праски во Росоманскиот крај. Денеска по трет пат сезонава овошните и лозовите насади ги погоди невреме.Попладнево во Сирково половина час силно невреме проследено со врнежи од град ги уништи и оние праски што куртулија досега.
– Плачев на праските како мало дете, од мака. Утре планирав да берам. Изгубив се што вложив, само за препарати сум заборчен 2000 евра. Со мерак го работев овоштарникот и ова да ми се случи. Лут сум на владата зошто не остави незаштитени, зошто не се пукаа противградобијните ракети. До лани имаше и навистина многу помагаа. За годинава ни кажаа дека биле забранети или некој вика оти биле скапи затоа не пукале. Како и да е оваа штета од најмалку 10 000 евра нема кој да ми ја надокнади – се пожали земјоделецот Тони Маринковиќ од Сирково.
Слична е состојбата и со Росман и таму земјоделците веќе се помирија со судбината.
– Имав договорено со трговец за Русија и наместо да берам, ете што ми се случи. Не ми е осигуран овоштарникот, немав пари да го осигурам – вели земјоделец од Росоман.
Огромни штети претрпеа и земјоделците од село Манастирец. Освен праските штети претрпеа и лозовите насади.


