Многумина од жителите во Ранковце кои по некој случај останале без работа или пак сеуште не ја пронашле се посветиле на земјоделското производство. Пластеници,градини,овоштарници –тоа е современата слика на оваа општина. Велат главна цел им е да се унапреди земјоделството кое е единствен извор на големи можности,а нивната општина да ја стават во редот на побогатите земјоделски места во државата. Бројните приказни за невработеност и сиромаштија кај граѓаните и земјоделците,стана македонско секојдневие,па кога во него ќе се најде и некој полн со работен елан,оптимизам и планови за иднина и на другите околу него ќе им влее надеж во подобро утре.
Милован Веселиновски од Ранковце,несуден земјоделски инженер,важи за еден од вредните домаќини во овој крај.Вели повеќе од две децении се посветил на земјоделското производство кое и им ја осигурала егзистенцијата нему и на неговото четиричлено семејство .Голем производител е на пченица, фуражни култури, градинарски па и мед. Вели дека денес иако се става голем акцент на земјоделството,се даваат субвенции се поттикнуваат младите да се насочат кон оваа гранка да се направи водечка во државата,сепак треба уште многу време за македонскиот земјоделец да може да се пофали дека од земјоделието се печали многу. Овој земјоделец не се кае што се посветил токму на оваа гранка а дипломата е документ кој му помага подобро и поуспешно да ја обработува земјата. Под закуп од државата земал 20 ха,плус неговите 5 ха ги засеал со пченица,јачмен,пченка,овес и компир со кои ја обезбедува исхраната на стоката. Го сретнавме околу пластеникот каде се подготвуваше за наводнување на градинарските плодови.

-„Ова е за нас лично дома,за моето четиричлено семејство.Има од се по малку домат,пиперка,краставици,салата,кромидче,лукче,да имаме секогаш свежо,чисто и еколошки здраво на трпезата. Многу внимаваме што јадеме,нема прскање,се што гледате овде е дар на природата облагородено со мојата рака“,низ шега ни раскажа овој 48 годишен земјоделец.
Вели дека очекува да ожнее околу 80 тони житни култури.Не е задоволен од откупната цена на пченицата,посочи дека пред 4 години килограм се продавало за 17 денари а сега цената паднала на 8 денари што е навистина жално. Според него државата мора да изнајде начин да се вратат оние денови кога можеле да бидат горди на својот род кој им бил вреднуван по мерка.
-„Почнав да се занимавам и со пчеларство.Сега поседувам некаде околу 20 пчелни семејства,произведувам околу 300-400 килограми еколошки чист мед,цената е 300 денари за килограм.Знам дека треба да биде повисока зашто се работи за мед кој се произведува во чисти еколошки услови,но стандардот кај нас тешко дека го дозволува тоа,вели Веселиновски.

Покрај производство на растителни производи се занимава и со стоачрство,во малата фарма во дворот забележавме,триесетина кокошки несилки и три свињи,толку колку што му е потребно на семејството.
-„За дома е сево ова,не купувам ништо од страна,месото е убаво,вкусно зашто знам дека добро ги одгледувам и хранам животните со квалитетна храна. Се ова е мое дело,по мое лично искуство. Потребна е физичка работа но и да се води евиденција што и како се работи на поле. Ова е голема работа и мора да се работи со љубов зашто луѓето се повеќе се интересираат за здрава храна ,можеби проблемот кај нас сепак е недоволната информираност. Потребни се и вложувања а добивката ќе си дојде полека,само паметно“,гордо раскажува овој наш соговорник.
Иднината на Македонија е во производство на здрава храна,па затоа тој верува дека неговата одлука целосно да се посвети на земјоделството, во целост ќе биде оправдана.
И не е тајна само оние земји кои имаат доволно енергија и храна во денешниов свет се и вистински независни.

Извор: Агроден


