52 годишниот Љупчо Бошковски од Ранковце кој важи за еден од поголемите производители на вишни во североисточниот регион и кој досега има добиено неколку признанија за вкусната вишна која ја одгледува, деновиве заврши со бербата на годинашниот род .Пред некоја година под концесија од државата добил државно земјоделско земјиште со површина од 9 ха па одлучил да го засади со вишни и жито.Распослани на огромен простор околу семејната куќа од 4000 дрвца годинава тој набра 23 тони квалитетен род. Бербата како што ни раскажа, се одвивала од утро до мрак, а временските прилики им биле наклонети на ангажираните работници.

– „Пластичните гајби се полнеа напорно,зашто плодот е мал, зрно по зрно се ставаа во гајбите а вредните раце на берачите ги полнеа до врв за што поскоро да стигнат во камионот кој чекаше да ги транспортира во Грција. Без да вложиш труд и без работа нема да добиеш пари.За бербата ангажираме и по стотина луѓе дневно,има многу аргати,луѓе кои по некој случај останале без работа,нема човек пари и мора да аргатува,што да се прави,мора да се прехрани семејството. Со заработените пари од берба на вишни и други земјоделски култури кои ги одгледуваме ја средуваме нашата егзистенција и ја подобруваме финансиската состојба. Ми кажаа дека вишните имаат добар род и успеваат,имаат убава цена,па затоа и се одлучив за нивно производство, изјави за Агроден, овој 52 годишен земјоделец.

Вели петта година им е на вишните,родот бил добар ама во споредба со лани нешто помал,кога од истата површина успеал да набере над 25 тони кои веднаш ги испорачал на претходно договорени грчки партнери.За вишната,за одржување површина со овошен насад,Бошковски досега добивал субвенции од државата по 20.000 денари за хектар.Покрај вишните тој засадил и 200 дрвца аронија,лани набрал по два до три килограми од дрвце,сега во август очекува да набере поголеми количини од овој редок плод кај нас. Тој е интересен пример на земјоделец кој се бори да ги скроти ранковските полиња користејќи ги можностите кои се нудат за развој на современо земјоделство.
Во зависност од локалитетот и климатските услови во тековната година, според земјоделските експерти вишната се бере од втората половина на јуни до почетокот на јули. Главниот род го дава на мајските китки. Плодовите се транспортабилни, релативно добро се чуваат и во ладилник опстојуваат и до 7 дена. Овошката рано стапува во род .Доста е отпорна кон зимски и доцни пролетни мразови. Во 4 до 6 години стапува во полна родност. Во стадиум на плодна родност дава од 8 до 20 кг по oвошка или во зависност од условите на одгледување и применувањето на современи агротехнички мерки од 6 до 15 (20)тони/хектар. Современ и добро одгледуван насад може редовно да дава од 12 до 15 тони/хектар. Рентабилен период на одгледување на насадот изнесува околу 25 години.
Географската положба и еколошките карактеристики на територијата на нашата земја обезбедуваат поволни услови за рентабилно одгледување на голем број овошни култури. Со производство од околу 8 илјади тони во последниот петгодишен период, во структурата на овоштарското производство вишната го завзема четвртото место. Вкупните површини под оваа култура се движат околу 1500 ha, од кои голем дел се подигнати последните 3-4 години и се уште не се влезени во полна родност.

Извор: Агроден


