Ленче Николовска: За сушата има решение

Kлиматските промени кои со себе носат високи температури, испукана земја и жедни посеви, надградени со руинираните каналските мрежи, без поголеми инвестиции во хидромелиоративните системи последниве 10 години, донесоа суша од Пелагонија до Овче Поле.

Во Република Македонија од 600 000 ха обработлива површина моментално вода доаѓа на само 25 000 ха. Ова е поразителен факт бидејќи пред 20 години  под систем за наводнување биле 80 000 ха а има изградено мрежа за наводнување на 120 000 ха. Значи не само што последниве 10 години ништо не е изградено ново, туку нема никаква реконструкција на постоечките објекти и хидромелиоративни системи. Оттука станува јасно дека на климатските промени кај нас актуелната власт и е одличен партнер и соучесник.

Следејќи ги информациите и состојбите во целиот регион, во Србија, Бугарија, Хрватска и Словенија се добива впечаток дека земјоделското производство и таму последниве години е затечено од овие климатски промени. Стари системи, без поголема реконструкција, со минимална изгрдба на нови капацитети, главно мали акумулации и нови бунари во индивидуалниот сектор, ова е сликата со наводнувањето и во овие држави. Статистички тоа знали од 1%  до 3% од земјоделските површини да бидат под систем за наводнување, додека во ЕУ на 17% од обработливите површини доаѓа вода за наводнување.  Но за разлика од кај нас, во овие држави  последниве две години владите прават напори и се инвестираат милионски суми европски или пари од нивните буџети во хидромелиоративните системи.

Со нови проекти Србија инвестира 250 милиони евра само во Војводина за неповратни финансиски средства со кои се плаќа 50% од инвестицијата на земјоделците за копање на бунари, а искористија и 400 милиони евра кредит до 2020 година  за подобрување на состојбата со наводнувањето на земјоделските површини.

Во Бугарија со пари од ЕУ се финасираат 75% од инвестициите за копање на нови бунари а Хрватите од минатата година, поделени во региони започнаа голема милионска  инвестиција во секторот земјоделство. Јасно е одамна без вода нема конкурентно производство.

Колку е важно наводнувањето може да се види само со еден пример. Доколку имаме 10 000 ха под пченка, култура која задолжително бара наводнување, може да се обезбеди годишната потреба од зрно за добиточна храна. Тоа значи сигурно производство на месо, млеко и јајца. Тоа значи зголемување на добиточнито фонд и конкурентно производство.

Во Земјоделската програма на СДСМ, планирани  се инвестиции во наводнувањето.
Годишно 10 милиони евра директни инвестиции во системи за наводнување и 30% субвенции за копање на артерски бунари таму каде што има можност за тоа.

Инвестициите во наводнувањето се една од главните мерки во програмата заедно со 50% поефтина зелена нафта, 30% поефтини ѓубрива и заштитни средства, сигурен откуп, прераспределба на државната земјоделска земја и враќање во рацете на вистинските земјоделци  како и навремени субвенции тогаш кога на земјоделците им се најпотребни.

Ленче Николовска

 

Најнови вести

Најново од Агро Бриф, Ударни вести

Најчитани вести