Живееме, коегзистираме и воздивнуваме во време на системски вкоренет и веќе хроничен страв. Стравот до одредена мера може и треба да биде стимулирачки и инспиративен, но во оваа појавна форма и манифестација која е карактеристична за нашето општество, стравот е застрашувачки. Целото портфолио стравови смислено, хируршки прецизно и без посериозен отпор е вбризгано кај македонскиот граѓанин. Со јасна и повеќегодишна цел. Граѓанинот да се претвори во куклен експонат, целосно зависен од окупаторот, без сопствена слобода, визија и цели. За растот и развојот на стравот кај граѓанството се користеа низа директни и лепеза префинети мерки и инструменти. Додека од една страна речиси секој неистомисленик и слободоумен граѓанин стануваше потенцијален споменик, од друга страна многу “споменици” почнаа да читаат, пишуваат, зборуваат и да носат одлуки во името на граѓанството. Започнаа да не окупираат поради нивниот базичен страв: стравот од губење на власта. Портфолиото на стравови најчесто го сочинуваат стравот од сиромаштија и неуспех, стравот од институциите на системот, стравот од критика, стравот од паметните луѓе и стравот од промените.
Стравот од сиромаштија и неуспех е поврзан со поривот за егзистенција и успех на човекот. Но, присуството на стравот од неуспех го остава човекот сиромав. И неуспешен. Во нашиот случај овој страв требаше да го закочи развојот и просперитетот на граѓанството. Илустративно, голем дел од народот кој наутро се буди со сто денари требаше да се плаши во текот на денот да не остане без истите, наместо се бори за дополнителни минимум сто денари на крајот од денот. Како што окупаторот се подлабоко пенетрираше ширејќи го овој страв, така паралелно се зголемуваше граѓанската зависност од окупаторот и општата стопанска мизерија и неликвидност. Финансиските текови беа во голема мера контролирани, опстанокот и развојот на приватниот сектор зависеше од односот со окупаторот, а претпиемништвото и иновациите станаа раритет.
Стравот од институциите на системот ги прави граѓаните мирни и послушни. Во континуитет околу нив танцуваат најразлични поданици, извршители, даночни инспектори, палки и казни. Институциите на системот треба да бидат алатка во функција на потребите на граѓанството. Но, слепата послушност и скаменетост предизвикана од овој страв направи граѓанството целосно да биде во функција на потребите на оние кои ги окупираа и институциите на системот, исфрлајќи ја на буниште борбата за сопствените граѓански права и потреби. Граѓаните почнаа да се плашат од неплаќањето на радиодифузната такса, а за возврат на јавниот сервис да добиваат програма која дополнително ги развива нивните стравови и залутаност.
Стравот од критика го поставува медиокритетот на пиедестал. Ја нокаутира автентичноста и сопствениот печат. Окупаторот во служба на ширењето на овој страв инсталираше мал милион негови видливи и невидливи апостоли кои го наметнуваа просекот, ги разурнуваа стандардите и разганичувањето помеѓу доброто и злото, помеѓу нормалното и ненормалното, помеѓу прогресот и стагнацијата. Медиумскиот оркестар свиреше синхронизирано, а граѓанството немо ракоплескаше на наметнатите ноти. Многу општествени авторитети и интелектуалци опортунистички му се придружуваа на оркестарот, на многумина им беше направена панихида, згаснаа многу медиуми и продукции. Уметноста и културата беа доведени во состојба на клиничка смрт, а ентузијазмот и активитетот на половина копје. Дебатата беше целосно суспендирана. Исто како и синдикатите.
Своевремено Чарлс Буковски напишал: “Тие ми се смееја мене затоа што сум поразличен, а јас им се смеев на нив затоа што се сите исти”. И навистина, станавме марионети. А без разноликост, без индивидуална борба за сопствен прогрес и развој нема промени кон подобро, побогато, поубаво и пософистицирано општество. Секој борејќи се за сопствениот интерес го подобрува севкупниот општествен интерес. Кај нас, портфолиото на стравови го претвори човекот во бела техника. Во апарати кои се управувани од окупаторот за неговите инфантилни и криминални потреби.
Стравот од паметните и писмените луѓе само ја зголеми неписменоста, ограниченоста и раселеноста на нашите низ светот. Квантитативно се зголемуваше бројот на образовни и едукативни институции и просветни работници, но квалитативно се разоре целиот образовен систем, креативност, знаења и авангарда. А кога колективната летаргичност стана препознатлива општествена карактеристика тогаш баналноста и апсурдот неминовно беше да ги завземат водечките места во сите сфери на општественото живеење. Колективната интелектуална импотентност и привидно нахранетиот публикум започна магично да се дразни и да се радува на трошки, на инцидентни успеси и на филуваното импресивно минато. Стравот до толку ја исфрли на сцена баналноста па обична чешма свечено се пушта во употреба небаре е хидроцентрала, и тоа од страна на Премиерот. Од едната страна на медалот згаснуваат животи поради инситуционални грешки, додека од другата страна на медалот помпезно се отвараат сувенирници, се градат панорамски тркала, никнуваат палми и останати идиотштини како отровни печурки после влага.
Во време на системска окупација на институциите, приватниот сектор, финансиските текови и човечките души сосем нормално стана граѓанството се помалку да верува и очекува од себе – инвестирајќи и негувајќи ги своите потенцијали, а се повеќе ноншалантно и миопски да му се предава на окупаторот. А окупаторот сите овие години своите сопствени ограничувања и фрустрации ги лечи преку неверојатно добро разработена машинерија базирана на страв, сиромаштија, лаги и манипулации за екслоатација на граѓанството. Навидум работат 24/7 за нас, а всушност управуваат 24/7 со нас.
Нашата најголема слабост последната деценија е стихијното предавање на стравот. Всушност, се откажавме од највозвишената борба. Од борбата за нас самите. Единствен начин да се промениме и прогресираме е да се ослободиме од стравот. Да триумфираме над стравот. Колку побрзо, толку подобро. Да научиме дека храброста не е отсуството на страв, туку триумф над него. Кога тоа ќе го направиме окупаторот ќе избега брзо и неприметно, и сам од себе.
Пишува: Перо Костадинов


