5 октомври, 15 септември и 24 април

Највероватно и без соодветните години, овие датуми на многумина ви се јасни по своето значење. Сепак за потсетување се мисли на 5 октомври 2000, 15 септември 2002 и 24 Април 2016. Да тргнеме редоследно.

Во Србија постои еден режисер со име Кокан Младеновиќ кој верувале или не поради едно свое интервју деновиве доби кривична пријава за кривично дело – Повикување на насилно уривање на уставниот поредок. Веднаш после него уште двајца интелектуалци (Весна Ракиќ Водинелиќ и Дејан Илиќ) кои со свои текстови на сајтот Пешчаник го подржаа Младеновиќ добија исти кривични пријави заедно со уредничките на самиот сајт. Кокан Младеновиќ како еден од поголемите критичари на режимот на Вучиќ даде интервју за еден сајт под наслов “Волкаво зло мора да биде угушено во крв, `90 -те дојдоа за наплата„. Како инкриминирачки реченици во тоа интервју му се наведуваат изјавите каде тој вели : „Јас колку и да биде лошо тоа да се каже, патам што тој 5 октомври беше мирна револуција. Мислам дека толкаво зло мораше да биде угушено во крв. И мислам дека крвта ни се приближува во секој смисол„. Интервјуто завршува со следното прашање на новинарот и одговорот на режисерот: „Дали мислите дека таа крв ќе ни се случи? – Не мислам, јас се надевам дека ќе се случи„.

Во тој момент се с`снуваат режимските кучиња и заштитници на ликот и делото на Вучиќ и поднесуваат кривична пријава против Младеновиќ. Кога други интелектуалци пишуваат дека се сложуваат со Младеновиќ и дека начинот на владеење со кој се служи партијата на власт на чело со нејзиниот претседател, по се што може да се види, нужно води кон насилство како единствено средство да се разрешат политичките и социјалните тензии во Србија, добиваат исти кривични пријави од исти или нови чувари на Вучиќ. Во своите дообјаснувања Младеновиќ понатаму вели дека во принцип тој објаснува дека му е жал што на 5 октомври покрај Милошевиќ, никој од неговото опкружување не ја добил соодветната казна. Дека таа пропуштена шанса да во тоа време и некои други како Вучиќ или Николиќ не го изгубиле правото, не на живот, туку на политичко или граѓанско делување, денес ја чини Србија да заглиби во најтемниот период на авторитарно владеење.

По оваа логика од погоре, колку ние можеме да жалиме за 15 септември? Ако ме прашате мене гледајќи од оваа дистанци, јас искрено жалам. Тој не можеше да биде крвав бидејќи тоа беа мирни избори со сосема мирен трансфер на власта. Но жалам што потоа не следеше санитарна политичка и правна операција со која ќе се расчистеа барем тогашниот плац на Водно, ОКТА, приватизацијата на Телеком и НПК. Ако тоа се случеше исто како што српските опозиционери тврдат за кај нив, ние сигурно немаше да влеземе во десетгодишна темнина на диктаторското владеење на оваа фамилија. Многумина од денешниве актери со сигурност заслужено ќе ги имаа изгубено своите „политички права„.

Сега следува 24 април. Заев вели дека со седнувањето на преговарачка маса избегната е крвавата пресметка како начин на разрешување на политичките и социјалните тензии во Македонија. Ќе се направи нова голема историска неправда ако некогаш подоцна некои идни генерации повторно жалат зошто после 24 април не се извршила санитарна операција. Посебно што имам чувство дека со тоа ќе се сложат и ќе го бараат и самите членови на ВМРО – ДПМНЕ кои чувствуваат дека денес партијата им е ставена во прангии и е претворена во обично здружение на обожаватели на Груевски и фамилијата.

Кире Наумов

Колумната е преземена од kirenaumov.wordpress.com

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести

Најчитани вести