Посматрајќи ја работата на владата поврзана со земјоделското производство се добива впечаток дека оваа влада има само две мерки во нивната програма – исплата на штети од невреме (поплава, град) и субвенции пред избори. Секоја нивна посета во селата, кај земјоделците, секој прес, секое нивно медиумско обраќање почнува и завршува со „Исплативме пари“!
Прво, тие пари се буџетски ( годишно агросекторот по основ на даноци и други давачки кон државата, внесува 200 милиони евра во буџетот на Република Македонија) и тие на земјоделските производители им следуваат со закон. Субвенциите се државна мерка а не партиска и овие пари земјоделците и агробизнисмените ќе ги имаат и натаму со таа разлика што треба да ги добиваат навреме, тогаш кога им се најпотребни.
Друго? Што друго има направено оваа влада за земјоделското производство? Има ли програма за развој на земјоделството или една единсвена мерка е – расфрлање со парите на земјоделските производители?
Дали земјоделците имаат „зелена“ нафта (50% поефтина ) како сите други земјоделци во регионот? Одговорот е не, бидејќи не можеле да контролираат?! Вака ми одговори поранешниот министер за земјоделство во Собрание на моето прашање зошто само македонските земјоделци ораат со скапа нафта…Нема врска, вистината е дека тогаш Груевски и Ставрески треба да се откажат од 7 милиони евра кои по основ на ДДВ и акциза секоја година влегуваат во буџетот на Република Македонија. Значи лага е дека цената на нафтата е берзанска и не може владата да реагира. Дури 50% од цената отпаѓа на овие давачки. Значи владата само треба да се откаже од овие пари и земјоделците да имаат поефтина „зелена“ нафта, а со тоа и конкурентно производство.
Второ, дали владата им обезбеди квалитетни и ефтини заштитни средства и ѓубрива? Одговорот и овде е не. Затоа земјоделците, особено овоштарите, градинарите и лозарите наместо по три пати праскаат по пет пати, а препаратите се и до 100 посто поскапи од 2006 година. Ама и овде повторно се работи само за интерес и ништо друго. Годишниот бизнис со заштитни средства е 20 милиони евра. Исто толку милиони евра се вртат и со увозот на ѓубрива. Мислите дека власта така ќе ги остави увозниците, без нејзина „контрола“. Па слушнавме од „бомбите“ кои и какви луѓе ни се на власт. И тука некој има интерес затоа на владата не и е гајле каква е активната материја на препаратот, дали тој се препакува тука или земјоделецот го плаќа дупло поскапо и тоа пишан на вересија во земјоделската аптека, бидејќи сеуште нема земено пари од ланскиот род или му доцнат субвенциите.
За проблемот со наводнуавњето какви мерки презеде владата, дали овозможи нови хектари да се наводнуваат? Од 120 000 ха под систем за наводнување пред 20 години, денеска вода доаѓа само до 25 000 ха. За овие 9 години колку што се на власт, ниту еден нов хектар не ставија под систем за наводнување. Катастрофа е зборот кој ја опишува оваа состојба.
Пласманот, што направи овие девет години владата за овој најголем проблем на земјоделците. И повторно – ништо. А знаете зошто, бидејќи власта е поврзана и со трговците и со откупувачите. Зарем мислите дека Груевски не знае дека праските, грозјето, јаболката, пиперките.. не се платени со години? Или дека на тутунопроизводителите монополите на откупот нарочно им симнуваат по една класа за да го платат поефтино тутунот? Ама тоа не го интересира, него му е само важно винариите, мелничарите или трговците да го приберат родот за да не му го донесат пред влада. Кога и дали ќе им го платат на земјоделците ама ич не го интересира. Како примерот со пченицата за која поледелците се жалат дека ја јадат глувци во амбарите или мелничарите им ја плаќаат по мизерни 7 денари. Пешевски на ова би одговорил, па ако нема домашна пченица, ќе си увеземе и готово.
Е затоа е „готово“ домашното земјоделско производство. Затоа и покрај давањето на субвенции и пари за штети од град и поплави, секоја година се намалуваат обработливите површини и производството на стратешките земјоделски производи, а увозот на храна е двојно повисок од пред 9 години.
Ленче Николовска


