Кој сака нека чека, кој сака нека си оди ! Вака им одговори на новинарите заменик министерот за земјоделство Ванчо Костадиноски, пред неколку денови во Кривогаштани, откако тие изрегираа на неговото ДВА И ПОЛ ЧАСОВНО доцнење од закажаниот термин за настанот. Барем да се извинеше, па и ние сме луѓе, разбираме доколку се случило нешто непредвидено или пак неговиот протокол го презакажеше настанот.
Но, на заменик министерот не му требаше извинување, тука беа „дечките со бубици“ кои го следеа секој негов чекор, врз основа на договор потпишан со една позната продукција. И јасно снимките, потоа ќе стигнеа до сите медиуми. Нели?!! Кој сакал чекал, кој сакал си одел?! Ама и никој не си замина, за жал новинарите не смеат ниту да помислат да заминат од еден таков „важен“ настан, зошто консеквенците ќе бидат лоши. Не два и пол часа, ако треба и 5 ќе чекаат. Е, сега Костадиновски е заменик министер, не дај боже да добиеше повисока функција. Колку ли само тогаш ќе се изначекаа новинарите ? Друг муабет е тоа пак, кој и со чии пари ги плаќа „дечките со бубици“.
И ајде остави тоа што го чекавме само ние, нели одамна новинарите се „потрошна роба“, која никој веќе не ја вреднува, тие се само орудие за пренесување на нечии пораки, па и „не е толку важно“ што чекавме ние. Тука беа присутни и прилепските пратеници, градоначалникот, други фунционери и секако „спонтано“ собран народ. Никој, ама баш ниту еден од нив, не изреагира на ваквото однесување. Зошто? Се плашат од заменик министерот? Според сите правила на бон тон, според сите норми на културно однесување, па и нека е балкански манир, макар и партиско чекање, ДВА И ПОЛ ЧАСА, се ДВА И ПОЛ ЧАСА. Зошто никој од сите собрани таму не изреагираа на ова и зошто никој не си замина од таму. Или пак можеби за нив тоа не е ништо, можеби чекале и повеќе. Но, ако тие мораат, зошто и новинарите да чекаат.
Ова е само еден од примерите каде новинарите секојдневно се третирани како „крпи“. Истото се случува од првиот до последниот ешалон. Ние секаде само чекаме. Чекаме пред настанот, за време, па дури и по настанот! Чекаме за да добиеме информација, чекаме за да ја објавиме информацијата. Чекањето стана наша втора професија. – „Што си ти ?“, – „Па, јас сум професинален чекач“.
Речиси и да нема настан, без чекање од минимум 45 минути до 1 час, барем во Прилеп. Значи ако има 30 настани месечно, а има, тоа би значело дека новинарите цел еден ден месечно го трошат само на чекање. Замислете цел еден ден месечно ние само седиме и чекаме некој да дојде и да каже нешто. Страшно ! Зошто никој не го цени нашето време. И тоа од страна на „доцначите“ се прифаќа со таква леснотија, како и ништо да не е. Како да така треба да биде. Само за тоа сме сепак криви ние.
Што се случува со еснафот ? Зошто отсуствува реакција, зошто нема никаков револт за ваквата ситуација ? Јас одбивам да бидам „чекач“. Кој за кого постои функционерите за народот, или народот за функционерите ?
Порано за вакви, па дури и помали работи, се симнуваа камерите на прес конференции. Тоа одамна се нема случено. Епа, тогаш кога ќе започнат да се симнуваат камерите, значи сме тргнале на добар пат, а до тогаш изгледа не ни преостанува ништо друго освен да си чекаме.
Пишува: Дарко Штаргоски
Извор: Патоказ


