Почна овогодишната жетва на оризот

Со традиционалното рачно зажнејување на полињата во Кочанско започна жетвата на оризот.
Земјоделците се надеваат дека од засеаните 4.800 хектари годинава ќе ожнеат околу 30.000 тони оризова арпа што како бел ориз ќе се пласира на домашниот, а една третина и на пазарите во соседните држави.
На стартот на жетвените активности временските прилики се погодни, оризопроизводителите очекуваат за разлика од лани да добијат просечни приноси, па вниманието им е насочено кон откупната цена и пласманот.
– Да биде арпата 25 денари, а да не не интересира рандманот, ни одговара така. Ако белиот ориз биде 50 денари, а рандманот е 40 или 30 отсто, тогаш арпата испаѓа по 18-20 денари. Немаме откуп, а да има откуп ќе го продадеме веднаш, рече земјоделец од Кочани.
Претставници на земјоделците и на откупувачите неодамна на состанок во Министерството за земјоделство оцениле дека цената на белиот ориз не треба да биде пониска од 50 денари за килограм.
Министерот Цветков пак, смета дека е потребно да се зголемат површините што ќе се засејат со оваа земјоделска култура, за што државата планира и финансиска поддршка.
– Ние како Влада и како Министерство ќе ги направиме сите напори да ги вратиме оризовите полиња кои во минатото биле на 8 до 9 илјади хектари. Знаете дека на оризот му е потребна вода, во тој правец преземаме огромни мерки, планираме во наредниот период да вложиме некаде околу 80 милиони евра во овој регион во системите за наводнување. Пред се тоа ќе биде браната Речани за која очекувам дека до крајот на годината ќе биде избран изведувач на работите, рече Михаил Цветков, министер за земјоделство.
Министерот рече дека за да бидат поконкурентни на пазарот земјоделците треба да се здружуваат во задруги. Во наредниот период државата планира во Кочанско да изгради три капацитети за чување и сушење на оризот, што потоа под поволни услови ќе им ги преотстапи на задругите.
Инаку, обичаите околу почетокот на жетвата што како традиција е дел од манифестацијата “Денови на кочанскиот ориз“ се одржаа во село Прибачево. Првите снопја со срп ги ожнеа овогодишната жетварска убавица Нина Лаковиќ, а потоа на сретсело за гостите од земјата и странство се одржа културна програма.

 

Најнови вести

Најново од Агро Бриф

Најчитани вести