РСЕ: Бербата во ек, откупната цена на јаболката неизвесна

ек е бербата на јаболката во Преспа, но откупната цена се уште не е дефинирана. Овоштарите се жалат дека трговците не истакнале цени по кои планираат да го откупуваат годинешниот род.

„И оваа година нема дефинирано пласман на јаболката. Се уште не е истакната цена по која локалните трговци ќе ги откупуваат јаболката. Цената во изминатите седум до осум години е непроменета и имаме главоболки. Продаваме 80 илјади тони јаболка, а добиваме 15 милиони евра како девизен прилив, се гледа дека откупната цена за јаболото е ниска“, вели Менде Ивановски од задругата на овоштари „Ресгруп“ од Преспа.

На прагот е нова откупна сезона, а има јаболкопроизводители кои се уште не ги зеле парите за продадените овошки од минатите години.

„Има нелиценцирани откупувачи. Тие немаат никакви обврски да го платат јаболкото. Има производители кои им дозволиле без склучени договори да им го земат јаболкото, а потоа овие нелиценцирани откупувачи да им ги дадат парите кога тие сакаат. Без договори не можеме ни судски процес да поведиме против ваквите откупувачи. Има овоштари на кои парите за откупаните јаболка не им се исплатени две години“, додава Ивановски.

Овоштарите бараат откупната цена на јаболката да не биде пониска од 15 денари за килограм.

„Родот е подобар од минатите години и можеме да кажеме дека имаме рекордно производство годинава. Количините се над 100 илјади тони. Цените кои ги очекуваме се од 15 до 20 денари за откуп на килограм. Производната цена е 11 денари и за земјоделците да се офајдат откупната цена треба да биде над 15 денари“, вели Љубе Пампулевски од Ресен.

Извор: РСЕ

 

Најнови вести

Најново од Агро Бриф, Ударни вести

Најчитани вести