Апсурдна и банална борба за непостојани облици

Колективната болест на човештвото е што луѓето се преокупирани и хипнотизирани од светот на непостојаните облици. Од гротескното поврзување со облиците и формите. Од бесмисленото дефинирање на себеси и апсурдното дефинирање на другите. Од постојаното споредување и натреварување со другите. Самиот облик, како и самото слепо врзување со него претставува апсолутна нестабилност и непостојаност, па оттаму автодеструкцијата и ограниченоста стануваат водечки персонални и колектнивни состојби.

Најчесто сме несвесно врзани за нештата и се идентификуваме со одреден облик, па стануваме вознемирени и потресени доколку постои закана дека поседуваниот облик можеме да го загубиме. Врзувањето со материјалните и нематеријални поседувања и облици, како и натпреварот и споредувањата со другите околу квантитетот на бесмислените поседувања се оддамна познати и никогаш ненадминати состојби во човештвото. Но, она што претставува носечка карактеристика на македонското општество последните години е апсурдното поврзување со ерозираните, обезличените и девалвираните вредности кое хронично ја разорува кревката општествена подлога и дополнително не фрла во банална меѓучовека борба.

Замислената и имагинарна борба за нешто што всушност постои во својата гротескна форма го јача слепилото до лудило. Влијанието на глобализацијата, техничко-технолошкиот прогрес и светските трендови не може да се елиминира и за нивниот притисок има се помалку антитела, но хроничната залутаност во општествено-политичка констелација од македонскиот граѓанин направи соучесник во деградацијата и уништувањето на вредностите и критериумите.

Монополот на информации е привилегија само за умислените водачи. За останатото граѓанство карактеристични се асиметричните информации. Јазот во материјалните и нематеријалните поседувања проклето се зголеми. Всушност, и религијата стана привилегија само за богатите кои преку хипноза ги манипулираат сиромашните. Примарните и секундарните семејни врски и вредности ерозираат и забрзано исчезнуваат. Мешањето на религијата со државата е прв и недвосмислен доказ за монополот на информации, материјални и нематеријални поседувања, и за сеењето на страв од страна на умислените водачи. Умислените водачи претставени како богови, од своето општествено-политичко движење и начин на владеење правеа државна религија и божество.

Додека “боговите” сееја страв и ја јачаа диктатурата македонскиот граѓанин стануваше се помалку бунтовен и пркосен. За врвна бунтовност се смета(ше) напуштањето на татковината. Граѓанинот пенетрираше во една магична и добро осмислена чекална. Чекаше за здравствени услуги. Чекаше да биде финансиски блокиран од државните институции. Чекаше работно место во администрацијата. Чекаше лајк на фејсбук. Чекаше имагинарни прогреси. И додека тој чекаше многу возови поминаа. “Бунтовниците”, исто како и “бегалците” ветрот ги вееше и сееше некаде далеку. Заминувањето се должеше освен на жедтта и гладот за повеќе материјални поседувања, така и од неподносливата нематеријална тортура и малограѓанштина во овдешното “божество”. За возврат, сепак добивме воз. Кинески воз. Како печат на едно време и на една налудничава и бесцелна борба.

Одвешното “божество” единствено имаше мисија за да го забетонира и пролонгира колку што е можно повеќе своето место на престолот и да инсталира токму ваква борба. Замислена борба. Борба за замислени работни места и за мали, ситни придобивки. Борба за бегство. Да го наметне врзувањето за гротескниот облик и форма како приоритетна вредност. Да го натера граѓанинот да се бори и споредува со другите, а не со самиот себеси. Да го направи летаргичен и зависен, и да го втурне во замката на апсолутно мерење на квантитативните поседувања на облиците со своите браќа и собраќа. А граѓанинот немо прифаќаше, скоро се!

Своевремено Душан Радовиќ рекол: “Дали луѓето може да бидат подобри? Би можеле, но никој не сака да почне прв. Сите имаат лоши искуства. Колку пати сме се колнеле дека ќе бидеме подобри? Некои навистина стануваат подобри, па излегуваат наивни. Бидејќи оние другите станале уште полоши”. Па така, сопствената човечност, големина, емпатичност и развој до бесконечност ги условивме со таа на некој друг, а заборавивме дека темнината не може да ја истера темнината, туку тоа го може само светлината, и дека омразата не може да ја истера омразата, туку само љубовта може да го направи тоа.

Не смееме да заборавиме дека пред да поседуваме некој облик, пред да бидеме Македонци, Албанци, Французи или Бугари, и дека пред да се стигматизираме идеолошки, партиски, културолошки и религиозно ние сме само обични и мали луѓе. И дека, борбата за неотуѓиви човечки права е пред и над секоја друга борба. Само така, “малите” луѓе можат да водат “големи” борби. И само тогаш “малите” луѓе можат да победат во “големите” борби, а врзувањето за нештата да исчезне само од себе во оној момент кога ќе престанеме својата смисла да ја бараме во нив.

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести