Веднаш да почне исплатата на земјоделските субвенции за 2015 година, побара денеска на прес-конференција дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски од СДСМ.
– Годината привршува, а земјоделците немаат добиено субвенции за 2015 година. Во Програмата за директни плаќања во земјоделството јасно стои дека, согласно Календарот, краен рок за почеток на исплатата за полјоделците, производителите на добиточна храна и на сончоглед и ориз е октомври, а овој месец треба да почне исплатата и на субвенциите за лозарите и овоштарите. Субвенциите се државна мерка, а не партиска и тие мора да дојдат до земјоделците кога им се најпотребни – рече тој.
Николовски обвини дека и оваа година се манипулира со земјоделците и со парите кои им следуваат по закон.
Откако е поставен на функцијата, тој доставил околу 30 барања за извештаи од раководителите на секторите во ресорот со цел утврдување евентуални малверзации, пропусти и злоупотреби.


