Земјоделец од Грдовци: Со оваа држава нешто не е во ред…

Чешиново, Спанчево, Тркање и Грдовци, села во Кочанско и земјоделци кои традиционално со години го произведуваат познатиот кочански ориз.
Вредни, чесни, скромни – тоа е одликата на овие намачени луѓе кои разочарани поради ниската откупна цена на оризот, се собраа сред село да му се пожалат на Дополнителниот заменик министер за земјоделство, Љупчо Николовски.

zemjodelec6
-Оризот во вреќи стои во подрумот, дел и надвор. Квалитетот годинава е одличен и приносот не е лош, но што да правиме со оваа ниска цена од 18 – 20 денари ? – вели Тоде Стоилов, земјоделец од Чешиново.
Според земјоделците, ниската цена од една страна а скапи и неквалитетни репроматеријали од друга страна и особено скапата нафта се главните причини за ваквата состојба.

zemjodelec5
-Со години се жалиме на неквалитетните и скапи заштитни средства. А ѓубривата се посебен случај, како камења да фрламе, а не ѓубриво – се пожали земјоделецот Илчо Златанов.
-Проблемот со скапото производство, а ниската откупна цена на земјоделските производи е секаде каде што одам овие денови. Истиот проблем го имаат и јаболкопроизводителите и тутунарите исто и производителите на ориз. Мора да се намалат производните трошоци, преку поефтини и поквалитетни заштитни средства и ѓубрива а задолжително да имате „зелена“, поефтина нафта како што имаат сите земјоделци од регионот. Ова се едни од главните мерки на земјоделската програма на СДСМ, заедно со сигурниот откуп, повисоките и редовни субвенции и инвестициите во системите за наводување – изјави Николовски.

zemjodelec_lence
Тој додаде дека особено ќе се залага земјоделците да не бидат уценувани од трговците и откупувачите бидејќи државата има механизми како да помогне и да го регулира пазарот.
-Согласно Законот за земјоделство и рурален развој и сега на предлог на министерот може да се изврши интревентен откуп на ориз преку стоковите резерви, со што ќе се релаксира пазарот и нема да се дозволи цената на оризот да падне толку ниско – изјави Николовски.
Земјоделците од овој регион се пожалија и на неисплатените субвенции за 2015 година, а истакнаа дека многу од нив немаат добиено пари и за претходните години иако ги исполнуваат сите услови.
-Јас ги имам сите документи, сите уплатници, а не ми исплаќаат субвенции. Не знам која е причината, а вакви како мене има многу во селото – вели земјоделец од село Тркање.

zemjodelec_3
На ова Дополнителниот заменик министер Љупчо Николовски рече дека неговата прва работа која што ја направил во министерството е токму контролата во делот на исплатата на земјоделските субвенции.

zemjodelec_7
-Побарав од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој извештај за тоа колку субвенции досега има исплатено. Но и првата моја реакција беше јавно да повикам да се исплатат веднаш субвенциите за 2015 година. Манипулациите на Груевски со парите на земјоделците мора да престанат. Субвенциите се државна мерка а не партиска и тие им следуваат со закон на земјоделските производители и затоа треба навреме да се исплаќаат, а не само пред избори, како што тоа го прави Груевски – изјави Николовски.

ljupco_ceshinovo

Земјоделецот Јоце Митров од село Спанчево посочи на уште еден голем проблем на оризопроизводителите поврзан со каналите за наводнување.
-Апелираме до Водостопанското претпријатие сега да почне со чистење на каналите, кога нема активност во оризниците, а не напролет па да се доведува во прашање почетокот на сеидбата – рече тој.

zemjodelec1
Денот краток, проблемите многубројни, а разочараноста голема. Полека земјоделците се поздравуваа со Дополнителниот заменик министер Љупчо Николовски, благодарни што некој дошол да ги слушне нивните маки.

ljupco_grdovci

-Со оваа држава сега нешто не е во ред…беше последната изјава на земјоделец од Грдовци која остана да лебди како констатација на една состојба која дефинитивно мора да се промени.

 

 

 

Најнови вести

Најново од Агро Бриф, Ударни вести

Најчитани вести