Пратеничката од ДУИ Ермира Мехмети ги замрзна сите партиски активности. Таа на својот Фејсбук порача дека војната е со, како што ги нарече, политичките хиени, високи структури во ДУИ.
„Имав искрена желба и цел да ја реформирам ДУИ. Бев убедена дека има основа и дека ќе има подготвеност за тоа, за партијата да стане посилна, поединствена и појака во владеењето. Но, секој мој обид наиде на пречки, спротивставувања и ниски удари. Ми измислија афери, сценарија, ја поттикнаа структурата против мене. Медиумите кои се финансирани од ДУИ се ставија во нивна служба и кампања за да го уништат мојот кредибилитет и интегритет. Секој обид за да кажам дека партијата е колективен орган и дека не му припаѓа никому лично, тие го сфаќаа како закана за личните привилегии. Ги мобилизираа сите полтрони кои за малку пари или за мали бенефиции се ставија во заштита на корупцијата, сервилноста и вазалството“, пишува Мехмети.
Во тој контекст таа информираше дека како пратеници биле присилени да гласаат за Тони Науноски за член на Комисијата за заштита од дискриминација, иако не се согласувале со неговиот избор.
„Тие што не натераа, веројатно, им се должни“, оцени Мехмети.
„Од денес, па се до истекот на мандатот ќе молчам. Им порачувам на сите дека ги замрзнувам сите мои политички активности во локалните структури и на раководните позиции во партијата. Војната со политичките хиени е однапред изгубена. Но, на сите политички хиени им порачувам дека, можеби, моето време во ДУИ никогаш нема да дојде, но убедена сум дека вашето време завршува“, вели Мехмети.


