Минатата година Република Македонија ја напуштиле околу осумдесет илјади граѓани. Сурово и поразително! По лиферувањето на оваа информација многумина од нас испратија порака дека искрено жалат поради тоа што и тие досега не се иселиле и поради тоа што се сеуште овде. Во оваа луда зандана и во оваа констелација на тотална агонија, неперспективност, вредносна пустина, интелектуална проституција, шунд, летаргичност и страв. И додека повеќето жалиме поради тоа што сеуште не сме пред аеродромите и далеку одовде, владините медиумски силеџии повторно без сенс рекоа дека невработеноста во Македонија рекордно се намалува исто како и цената на авинските летови под влијание на делата на оваа холистичка, урнебесна и веќе нереална структура на власт.
Но, оваа зандана е нашата татковина, да не заборавиме! Најлесно е да заминеме. Нели?! Најлесно! Всушност тоа, оваа болумента на власт латентно го посакува. Да заминеме без гласност, без пркос и без поздрав. Да им ја оставиме ноншалантно оваа територија на која си умислиле дека тие и само тие се апсолутните и единствените владари. Да им ја оставиме нашата татковина која цела деценија системски ја уништуваат поради нивните шупливи глави и ненаситност, и во која јазот галопираше до степен да 10% од населението поседува 90% од богатството. Да им ја оставиме земјата во која тие системски, а ние несвесно и со наведнати глави дозволивме интелектуалците, студентите, младите, лекарите, професорите, земјоделците, уметниците, новинарите… да се крајно незадоволни и да се иселуваат одовде, а само тие да се задоволни и софистицирано да егзистираат овде. No pasaran!
Многумина сме разочарани и нереализирани. Но, всушност во најголемо бунило се наоѓаат поддржувачите и апологетите на структурата на власт. Груевизмот до таа мера наметна одредени вредности и идеологии кои сега од неговите апологети се прифаќаат без размислување и како ултимативна детерминираност. (Не)видливите ланци толку многу ги стегаат што веќе се навикнаа на наметната болка па дури и ланците не ги приметуваат повеќе. На членовите и поддржувачите на ова лудило навидум им е убаво, поради тоа што среќен е окој кој не може да види колку всушност е заробен. Но, дали тие би ја менувале главната улога во кафезот за некоја поедноставна улога во животот во која би биле слободни и доволни самите на себеси? Или сепак ќе останат отруени од алчноста, со умот затруен со омраза, сонувајќи за пари со кои би го задоволиле својот примитивен ум, а всушност би останале толку празни одвнатре, толку многу за да не можат да приметат ниту колку многу луѓе уништиле за да дојдат до нив?! Не знам!
Слушнавме телефонски разговори кои срушија многу митови, маски и лаги. Видовме многу неправди, криминал и злодела. Преживеавме многу закани, притисоци и уцени. Медиумската владина пропаганда почнува да меле уште посвирепо. Структурата на власт почнува да ја јача диктатурата уште појако и уште понепромислено! Но, уште сме тука. Нели?! Сега многу побројни и похрабри. И нема потреба да жалиме поради тоа што сеуште сме овде и да влегуваме во самодеструктивниот процес на самосожалување и самосоголување.
Ние сме носителите на промените! Верувам дека нема да се повлечеме и дека ќе истраеме! Верувам дека нема да им го овозможиме тоа задоволство и дека пред самите себеси ќе си го сочуваме сопствениот образ, достоинство и чест. Дека заедно ќе се бориме за слободата, за позитивните вредности и за новите перспективи. И дека заедно ќе се избориме и ќе креираме прогресивна синергија!
Затоа наместо да жалиме што досега не сме се иселиле, да испратиме силна порака дека продолжуваме да пркосиме и да се бориме. Да ги повикаме и нашите другари и пријатели, кои се иселени или на брод, и пловат по немирно море – да се вратат назад! Јасно, делува утописки и нереално (кога џебовите се празни), но целта за која се бориме е исклучителна! Ќе пловиме во уште понемирно море, но заедно и овде ќе се обидеме да ја сочуваме нацијата и да ги сочуваме идентитетот, институциите, јазикот, културата и иднината на државата, наместо да исчезнуваме и да бледнееме тивко, тажно и осамено некаде далеку одовде порачувајќи “Makeеdonjaаа!!!!1!1 Imеto ne go davame” преку фејсбук бидејќи попусти ни се сите гротескни борби за името на државата кога пополека ја губиме нацијата!
Пишува: Перо Костадинов


