Се контролира храната или не? Дали официјалните контроли се поважни од мониторинг програмите? Дали работиме на своја штета? Дилеми кои се појавија во јавноста.
Според Законот за безбедност на храна во системот на безбедност на храната операторите со храна се обврзани да ги спроведуваат пропишаните мерки од програмите за мониторинг на безбедност на храната и наредбата за извршување на ветеринарните мерки и контроли за заштита на јавното здравство од контаминенти или резидуи кои се пренесуваат од животните или производите од животинско потекло. Дали операторите работат според прописите за безбедност на храна , Агенцијата тоа го потврдува со официјалните контроли извршени од страна на инспекторите за храна или официјалните ветеринари.
Важно е да се наведе дека за тоа дали се работи за спроведување на мониторинг програма или официјална контрола мора да се земе примерок (мустра) и достави на лабораториско испитување како би се докажало дека операторите ги спроведувале сите мерки за безбедна храна.
Завршниот збор или највалидниот доказ за тоа дали храната е безбедна или не го кажува добиениот лабараториски резултат при спроведувањето на официјалните контроли.
Во дадениов случај, технички АХВ не била во можност во целост да ги спроведе контролите, затоа што во тој период од пет месеци нема склучено договори со Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, Републичкиот институтот за јавно здравје и Државната фитосанитарна лабораторија. Правно гледано инспекторите нема каде да ги достават примероците за лабораториското испитување земени при официјалните контроли или мониторинг програми. Тоа зборува дека е створен вакум од неколку месеци каде АХВ нема лабораториски резултат како потврда дека операторите со храна во фазата на производство, дистрибуција и малопродажба се усогласени со прописите за безбедност на храна.
Секоја година за фунционирањето на системот на безбедноста на храната, Агенцијата е контролирана од страна на Канцеларијата за храна и ветерина при Европската комисија (Food and Veterinary Office – FVO) и тоа токму за спроведувањето на законските одредби од областа на безбедноста на храната и здравјето на животните добросостојбата на животните и здравјето на растенијата. Врз основа на резултатите од контролата FVO составува извештај за состојбата во земјата. Извештајот е клучен за тоа дали како земја ќе извезуваме во земјите на Европската унија и кој третман ќе го имаат нашите производи при влезот во ЕУ.
Постои голема веројатност дека овој пропуст на АХВ освен што придонел за можно загрозување на здравјето на луѓето во Република Македонија, сериозно ќе влијае и на извозот на нашите производи!
Причината за оваа стравување е тоа што во сертификатите за извоз како држава сме обврзани да гарантираме дека ги спроведуваме мониторинг плановите и програми за резидуи, тешки метали и фармаколошки активни супстанци, а ние како држава во тој период од 2 Мај до 17 Септември 2015 година не сме го спроведувале.
Во јавноста се постави прашањето, дали со објавувањето на овој пропуст на АХВ работиме на своја штета? Стојам на ставот дека овој пропуст на АХВ е сериозен и несмее да се премолчи, јавноста мора да знае ! Сепак пред се, се работи за нашето здравје.
Пишува: ДВМ Зоран Атанасов, советник во кабинетот на дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.


