Опозицијата предлага субвенционирано гориво за земјоделците

На земјоделските производители да им се обезбеди набавка на гориво по цена која е за 50% пониска од пазарната цена на горивото, предвидува предлог законот за измени на Законот за земјоделство и рурален развој што до Собранието го поднесоа група пратеници од опозицијата.

„Состојбата во земјоделското производство наметнува потреба од воведување на субвенционирано гориво за обработка на земјоделските површини со што ќе се овозможи земјоделците да имаат конкурентно земјоделско производство. Скапите репроматеријали (семе, ѓубрива, заштитни средства) ниските откупни цени, нередовната исплата на субвенциите како и сѐ уште неплатените земјоделски производи, ги доведува до незавидна ситуација земјоделските производители.Горивото е една од најголемите причини за неконкурентноста на македонските земјоделски производи наспроти производите од увоз, бидејќи владите на земјите од регионот како и на земјите од ЕУ ја спроведуваат оваа мерка која предвидува 50% субвенционирано гориво. Целта на воведување на оваа мерка е да им се помогне на земјоделските производители во времето кога ги обработуваат земјоделските поршини, поточно тогаш кога трошоците за набавка на репроматеријали се најголеми и кога вушност им е најпотребна помош од државата.Горивото ќе се доделува во зависност од површината на обработливото земјоделско земјиште, со право на користење на субвенционираното гориво за два пати обработка на истата површина“, се вели во образложението.

За спроведување на овој закон потребни се 6.200.000 евра односно 381.300.000 денари, на годишно ниво, а се предвидува средствата да бидат обезбедени од Буџетот на Република Македонија.

Најнови вести

Најново од Агро Бриф

Најчитани вести