Кога зборуваме за развој во сточарството треба да се има предвид дека во услови кога една држава има ограничени финансиски и други ресурси, пред сѐ треба да направи анализа на состојбата во сточарството и факторите кои влијаат врз него. Мора мудро да се носат одлуки во кои области од сточарството ќе се инвестира или субвенционира, кои гранки ќе бидат стратешки и какви мерки ќе се превземаат во иднина. За таа цел беше изработена „Национална стратегија за развој на земјоделието 2007-2014”. Во стратегијата беа предвидени многу елементи кои требаше да придонесат за значаен развој на сточарството во Република Македонија. Меѓутоа, при анализа на само неколку показатели и мерките кои државата ги спровела за исполнување на одредбите од стратегијата и ефектите од нив се гледа дека има тотално фијаско – поразителни бројќи како резултат на лутање во креирањето и спроведувањето на мерките за подобрување на условите во сточарството.
Имено, ако се знае дека владата само во периодот 2009-2015 година со „Програмата за директни плаќања во земјоделството”, преку мерките поддршка на сточарското производство и помош во сточарскиот сектор испланирала и потрошила 5.284.890.000,00 денари или 86 милиони евра, како и податокот дека со споредба на бројот на добиток во 2006 и 2015 г. (дадени во табела бр.1) може да се заклучи дека нема зголемување на добиточниот фонд во Република Македонија, туку напротив има негативен тренд или намалување на бројот на добиток и тоа: говеда за -13.823 грла, свињи за -2.063 грла, овци за – 508.344 грла, коњи за -21.182 грла ( скоро 50%), живина за -645.448 грла, а зголемување на бројот на пчелни семејства за +8.248.
Табела бр.1 Број на добиточен фонд во период 2006-2015 година
* Податоците се преземени од Државниот завод за статистика на РМ
| Година | Говеда | Свињи | Овци | Коњи | Живина | Пчелни |
| 2006 | 255.430 | 167.116 | 1.248.801 | 40.553 | 2.585.327 | 67.804 |
| 2007 | 253.766 | 255.146 | 817.536 | 31.065 | 2.263.894 | 58.307 |
| 2008 | 252.473 | 248.874 | 816.604 | 30.936 | 2.226.055 | 61.705 |
| 2009 | 252.521 | 193.840 | 755.358 | 29.418 | 2.117.890 | 53.439 |
| 2010 | 259.887 | 190.552 | 778.404 | 26.658 | 1.994.852 | 76.052 |
| 2011 | 265.299 | 196.570 | 766.631 | 25.415 | 1.944.260 | |
| 2012 | 251.240 | 176.920 | 732.338 | 21.676 | 1.776.297 | |
| 2013 | 238.333 | 167.492 | 731.828 | 20.682 | 2.201.550 | |
| 2014 | 241.607 | 165.053 | 740.457 | 19.371 | 1.939.879 |
Дека во секторот за сточарство работите не одат како што треба или се воделе погрешни политики може да се воочи и преку намалувањето на количината на производство на месо, млеко, волна, јајца и мед (табела бр. 2). Производството на говедско месо е намалено за -1. 610 тони, овчо месо за -2.471 тони, живино месо за -1.704 тони, а единствено кај производството на свинско месо има зголемување за 1.253 тони што е резултат на зголемената просечна бруто тежина на закланите свињи од 96 кг. во 2006 г. на 100 кг во 2014 г.
Табела бр.2 Производство на месо во тони
| Година | Говедско | Свинско | Овчо | Живинско | Друго |
| 2006 | 7.132 | 8.633 | 7.198 | 3.715 | 1.363 |
| 2007 | 7.121 | 8.856 | 6.495 | 3.524 | 1.232 |
| 2008 | 7.018 | 8.703 | 5.204 | 3.012 | 1.128 |
| 2009 | 7.307 | 8.291 | 5.225 | 3.319 | 1.220 |
| 2010 | 6.082 | 8.292 | 4.786 | 3.236 | 875 |
| 2011 | 5.301 | 8.340 | 6.370 | 1.621 | |
| 2012 | 4.981 | 10.598 | 5.600 | 1.945 | |
| 2013 | 5.485 | 8.845 | 4.725 | 1.801 | |
| 2014 | 5.522 | 9.886 | 4.727 | 2.011 |
* Податоците се преземени од Државниот завод за статистика на РМ
Производството на овчо млеко е намалено за -20.921 тони, на волна за -1.277 тони, на јајца за -83 милиони парчиња, на медот за -145 тони, а само кај кравјото млеко е зголемено за +152.301 тони како резултат на преориентација на сточарите од месо гојни говеда кон млечни крави (121.005 млечни крави во 2006 г. 126.762 млечни крави во 2014 г.) прикажано во табела бр.3. Негативни се показателите за осовремување на фармите и подобрување на зоохигиенските услови како и критериумите за исполнување на квалитетот на млекото.
Табела бр.3 Производство на млеко, волна, јајца и мед
| Година | Кравјо млеко во тони | Овчо млеко
во тони |
Волна
во тони |
Јајца
|
Мед
во тони |
| 2006 | 234 708 | 56.582 | 2.106 | 331.000.000 | 868 |
| 2007 | 373.706 | 35.473 | 1.113 | 321.000.000 | 699 |
| 2008 | 368.217 | 38.296 | 1.018 | 276.000.000 | 775 |
| 2009 | 342.622 | 32.934 | 951 | 274.000.000 | 791 |
| 2010 | 347.103 | 32.157 | 1.025 | 336.000.000 | 825 |
| 2011 | 376.290 | 25.381 | 975 | 296.000.000 | 1.105 |
| 2012 | 349.769 | 38.616 | 897 | 237.000.000 | 603 |
| 2013 | 380.735 | 34.270 | 841 | 216.000.000 | 784 |
| 2014 | 387.009 | 35.661 | 829 | 248.000.000 | 723 |
* Податоците се преземени од Државниот завод за статистика на РМ
Овие бројки укажуваат дека при креирањето на политиките и мерките во земјоделството, потребно е да се направат системски измени, пред сѐ во имплементацијата на стратешките планирања и креирањето на мерките во програмата за финансиска поддршка во земјоделството и ИПАРД програмата. При креирањето на „Програмата за финансиска поддршка во земјоделството” т.е. кај директните плаќања во земјоделството или кај народот познати како субвенции, поточно кај мерката поддршка во сточарското производство и нејзините подмерки потребно е да бидат добро обмислени, конкретно насочени во одредени области, малубројни и долготрајни како би се почувствувал ефектот од нив. Мерките за субвенционирање во сточарството треба да бидат по грло добиток и со мерливи единици на производство (килограм месо, литар млеко, број на јајца итн.), да има субвенционирање во производството на добиточна храна. Понатаму при спроведувањето на земјишната политика да се доделуваат државни пасишта и земјоделско земјиште на вистинските сточари како и креирање програми за уредување на пасиштата со поила и изградба на патна инфраструктура до пасиштата. ИПАРД програмата треба да биде креирана со мерки и критериуми кои ќе овозможат полесен пристап на сточарите до овие средства. Секако, државата овде мора да даде целосен придонес и да застане како гарант за реализација на проектите. Со создавањето на вакви мерки ќе се придонесе сточарите да се чувствуват сигурни и стабилни во бизнисот, да останат сточари, да инвестираат во нови објекти, во школување на кадри и во осовременување на сточарското производство, а со тоа ќе се постигне подобрување на конкурентноста на македонските сточарски производи на пазарот и подобрување на животниот стандард на сточарите.
Пишува: ДВМ Зоран Атанасов, Советник во кабинетот на дополнителниот заменик министер во МЗШВ


