1. Груевски ќе го подобрува видот на фантомските гласачи. Немал процент на фантоми на избирачкото ливче наместо за ДПМНЕ заокружувале за друга партија.
2. Нашиот избирачки список потврдува дека постои задгробен живот.
3. “Не познавам ниту еден друг избирачки список кој пораснал толку многу од владините мерки за многуфантомски семејства, како македонскиот” – Гоца.
4. “Фантомите во избирачкиот список се пиреј и нив не ги ништи ниту еден ДИК” – потентен фантом
5. “Кој им е крив на СДСМ што немаат изборна програма за да ги убедат фантомите да гласаат за нив”, изјави експертот Пандов.
6. Сите знаат во кој стан од 40 квадрати живеат 50 човечиња. Освен човечињата. Тие знаат само дека треба да гласаат. За ДПМНЕ.
7. Фантомите ќе одлучат на избори кој ќе биде премиер, изјави Груевски.
8. “Избирачкиот список е поле за инсталирање на фантомски гласачи кои гласаат за ДПМНЕ” – Гоца.
9. Македонскиот претседател ужива најголем рејтинг меѓу фантомските гласачи.
10. На репрезентативен примерок од 30 фантоми Каракамишева заклучила дека фантомските гласачи се вселуваат во нашиот избирачки список за да ги усреќат емотивно нереализираните гласачи. Фантомите се карактеризираат со неверојатна топлина и емпатија, нотираше професорката.
11. Агенцијата за фантоми произведува по 600 фантоми на ден.
12. Мирка кај Ефтов рече дека од геостратешки цели најмногу фантоми има во Центар.
13. Владиниот тим најави изградба на неколку модерни барокни зданија во кои во иднина ќе бидат вселени фантомските гласачи. “Во минатото овие човечиња беа приморани да се теснат во мали станчиња или беа згрижени од хумани вмровчиња, но дојде време да ја исправиме оваа историска неправда”, потенцираа од владиниот тим.
14. “Кога си сам и тажно е се, на фантомот во твојот дом сети се” – осамен фантом.
15. “Денес над Македонија се раѓа нов фантом во избирачкиот список” – стихови од химната на фантомска Македонија.
Пишува: Перо Костадинов


