Отворено писмо до Министерот за Земјоделство, шумарство и водостопанство г-дин Михаил Цветков и вработените во Министерството, од адвокат Оливер Ристовски како полономошник на КОРАЛ ДООЕЛ Скопје и на г-дин Мохамед Абделкарим Абделгаффар од Република Египет
Почитуван Г-дин Министер,
Ви се обраќам Вам, но и на вработените во Министерството кое Вие го претставувате, како полномошник – адвокат на КОРАЛ ДООЕЛ Скопје.
Со внимание ги следев прес конференциите на дополнителниот заменик министер во МЗШВ г- динот Љупчо Николовски (кој патем речено ако не Ви е познато е Ваш дополнителен заменик министер), но со уште поголемо нетрпение и внимание го очекував одговорот на Министерството.
И што добивме во тој одговор: неколку реченици фразеологија празна без корисна и без предметна. Најпрвин ме зачуди фактот што Министерството дава демант и одговор на дополнителен заменик министер од истото Министерство. Небулозно, но вистинито.
Сметам дека Вие но и Министерството трошите премногу време и енергија (секако и пари) на без корисни работи.
Со ова писмо сакам да Ви укажам на следново: како адвокат на КОРАЛ ДООЕЛ Скопје повеќе од две години, но и како личен пријател на г-дин Мохамед Абделкарим Абделгаффар од Република Египет, до Министерството кое Вие го раководите, до Вас лично но и до сите други институции во Република Македонија почнувајќи од Владата на РМ- Кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски (особена благодарност до вработените во Кабинетот за нивното залагање за овој случај), Управата за Јавни Приходи, Фондот за здравствено осигурување на РМ, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на РМ и редица други, упатив десетици писма; барања; известувања и слично со објаснување каков се криминал има направено потесното семејство на т.н. Градоначалник на општина Демир Капија и лично тој во фирмата КОРАЛ, а во врска со Договорот за долготраен закуп на земјиште склучен во 1998 година со период на важност од 30 години.
Упатив и лично до Вас барање да ме удостоите мене, но и странскиот инвеститор на еден краток состанок, но Вие ниту на претходните писма и известувања, ниту пак на овие барања не се потрудивте ни да одговорите како што доликува на Министер, односно Министерство кога од него закупецот кој склучил договор со тоа Министерство бара појаснувања и состаноци.
Претпоставувам дека сте биле многу зафатени, особено со делење тендери на свои сопартијци и пријатели но сепак тоа не требаше да биде пречка да остварите една кратка средба и да се запознаете со странскиот инвеститор, наместо да праќате “заканувачки” писма дека ќе го раскинете договорот поради наводно неисполнување од страна на закупецот КОРАЛ- неплатени закупнини.
Ако не Ви е познато Вам како на електро инженер кој предводи Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство кое со електро – техничката струка нема никаков допир и се два различни света, јас како правник – адвокат, особено во однос на Вашиот небулозен демант од ден 09.03.2016 година би сакал да Ви посочам дека обврска на Министерството со кое Вие раководите е да се грижи и да испитува дали се исполнува во целост договорот за закуп особено од страна на закупецот; да вршите редовни контроли како што редовно и ги вршите од 2013 и наваму преку вашиот инспекторат за начинот на кој се управува и стопанисува со земјата дадена под закуп; да водите сметка истата да не се дава во подзакуп; да утврдувате и проверувате со какви култури истата се сее, обработува и какви плодови од неа се собираат…
Оттаму произлегува дека на сите во РМ, а особено на Вас како Министерство (сите вработени во Министерството од портирница до Вашиот кабинет го знаат овој случај) Ви беше познато што се случува се околу КОРАЛ, кој е новиот сопственик на КОРАЛ почнувајќи активно од крајот на 2012 година, па оттаму “не мора да побарате” тековна состојба од Централен Регистар на РМ за да знаете дека Виолета Димитриева жена на самонаречениот АПАШ нема повеќе никаква допирна точка со фирмата КОРАЛ почнувајќи од ден 11.12.2012 година.
Би можел уште многу да Ви пишувам во врска со подметнувањата, насилието, заканите и слично кои ги трпи странскиот инвеститор од локалниот феудален моќник во Демир Капија (а за кои и Вие сте и писмени информирани и од Вас е барано интервенции и заштита во рамките на Вашите надлежности) и за милионите денари долгови кои претходниот сопственик ги остави во КОРАЛ, но не сакам да ја обременувам јавноста со долги реферати.
Се надевам дека сега ќе најдете време да не удостоите со прием, како би можеле да разрешиме многу тековни проблеми со кои се судира корал а од кои дел “насилно” се наметнати од вашето министерство (блокада на сметка и слично за непостоечки долг).
И на крајот да не заборавам можеби најважното за мене како адвокат да Ви се заблагодарам на информацијата дадена во Вашиот демант, која сигурно сте ја добиле преку странските тајни служби и жолти комбиња, а која гласеше дека според “Ваши сознанија се води судски спор за сопственичката структура на КОРАЛ”.
Епа почитуван г-дин Министер таков спор не се води и не е нужно да во јавноста изнесувате лаги и невистини, но ние едвај чекаме да ако има незадоволен од продажбата на уделот во КОРАЛ поведе судски спор во кој со особено задоволство би биле странка и во кој се надевам дека семејството Димитриеви од Демир Капија ќе кажат и јавно ќе обелоденат што е со стотиците илјади евра кои ги зедоа на рака во хотел во Каиро од г- динот Мохамед. Ги донесоа во Македонија? Ги инвестираа во странска држава? Ги оставија во Египет?…
Се надевам дека ќе превземете конечно нешто што е во ваша надлежност да се средат сите проблеми со кои се соочува КОРАЛ и странскиот инвеститор во РМ и дека нема повеќе да се занимавате и губите време со деманти и соопштенија и да се однесувате како што би рекол ценетиот професор Фрчкоски- “као Сава у космосу” (Професоре благодарност и извинете што ги употребувам Вашите зборови).
Со почит,
Адвокат Оливер Ристовски


