Закажаниот мирен протест на оризопроизводителите во Облешево не се реализираше во целост од причина што на неколку метри од нив се појавија контрапротестанти, јавува порталот Komarec.com
Адреналинот и кај едните и кај другите работеше, но благодарение на организираноста на вработените од Полициска станица – Кочани се помина во најдобар ред.

Инаку денес точно на пладне како и што беше најавено во Облешево за време на пазарниот ден излезе една поголема група на оризопроизводителите кои протестираа поради ниската цена на откупувањето на белиот ориз и оризовата арпа. Тие ја блокираа едната лента од Магистралниот пат Кочани-Штип па сообраќајот се одвиваше со потешкотии само преку едната лента.

Како што истакнаа оризопроиводителите тие бараат од Министерството за земјоделство да преземе мерки за надминување на катастрофалната состојба со откупот на белиот ориз и оризовата арпа. Организаторите на контрапротестот со сосема поинаков став, дека иако цената не е очекуваната сепак оризот се откупува. Тие посочија дека протестот има политичка позадина но не одговорија на новинарско прашање дали и контрапротестот е со иста позадина.
Ваквите изјави на контрапротестантите ја вжештија атмосферата, па дофрлувањата можеа да ескалираат доколку не се вмешаше полицијата.

Извор:komarec.com.mk


