Да бидеме промената која сакаме да ја видиме во Македонија

Граѓаните на оваа разнишана држава мора во најбрзо време да прифатат одговорност и конечно да одлучат: дали ќе го крунисаат Никола Груевски за доживотен лидер и конечно никој повеќе овде да не го интересира политика или комплетно ќе расчистат со погубните политики на урнебесниот водач и неговите партнери.

Последните десетина дена политичката криза во Македонија е во сериозна криза. Со речникот на режимот: кризата секојдневно се реформира, надградува и проширува. Специјалното јавно обвинителство по “Титаник” ги презентираше и случаите “Тортура ” и ”Тврдина”, секојдневно протекуваат нови приватни разговори на некои (у)ценети субјекти во општественото живеење, ДУИ го освежи тимот, режимот продолжува со својата пропаганда и со свирепото искористување на узурпираните институции и провосуднен систем, а ДИК средувајќи ги нередите во избирачкиот список дополнително предизвикува само нов хаос.

Додека кризата се надградува, општествениот систем продолжува да се нагрдува. Депласирани се веќе сите анализи, дебати и понатамошни философирања. Овде владее баналноста, апсурдот, хаосот и медиокритетството. Овде додека свесното и совесно граѓанство го брани уставот од режимскиот суд, режимските слуги се борат за кечап и мајонез во сендвичот. Овде додека СЈО дава несоборливи докази за криминал и злоупотреба на службената положба, режимските апостоли не информираат дека е отворена нова фонтана во село Собри. Овде сме сведоци како за десетина марули и стотина кебапи следува казна, а за злосторничко здружување следува награда.

Живееме во време кога ненормалните констелации и структури ја доживуваат својата финална кулминација. Никој не знае што точно се случува, а малкумина знаат зошто тоа се случува. Граѓаните само чекаат нова епизода од македонското реално (турбофолк) политичко шоу. Мислам дека овој народ изчезнува чекајќи. Без свесност. Без акција. Без пркос и борба за своите загарантирани права.

Поривот за промени се тркала од гнев до летаргија. Од бес до апатија. Но, се наоѓаме пред вулканска катарза. Решението е едно. Пак ќе го повторам, мора час поскоро да одлучиме дали ќе одбереме суштина и тектонски промени или форма и незначајни развигори. Дали ќе тргнеме синергично во освежување на целиот државен апарат и систем или ќе се помириме со маалските претстави и гротескни освежувања. Дали ќе прифаќаме понатамошни циркузантски освежувања на Владата или ќе ја освежиме темелно државата.

Моменталната политичка гарнитура на власт ја раководи државата цела деценија. Но, преку “Вистината за Македонија” беа разрушени сите нивни митови за чесност и беа соголени сите методи на нивното владеење. Видовме дека наместо младина и авангарда создаваа слуги. Видовме дека наместо писменост и образование делеа целофан дипломи. Видовме дека слободата и прогресивноста ја заменија со подпросечност и иселување на нашите другари. Но, моменталната политичка гарнитура е веќе историја и мора да одговара за сето нанесено зло.

Македонија денес е жедна за нов почеток. Модерен и прогресивен. Оваа држава копнее за ново раководење и енергија. Пред неколку денови мојот другар Стојан Рашков на фејсбук напиша: “Македонецот ќе направи се да добие туѓ европски пасош ама нема да мрдне со прст својот пасош да го направи европски”. Епа другари, дојде време. Нашата генерација е на потег. Да престанеме да кукаме и да ги засукаме ракавите. Да ја донесеме одлуката и да ја превземеме потребната одговорност и акција. Да престанеме да се жалиме дека нештата не се менуваат и да го чекаме “чудото” од некој друг. Конечно, да го оживееме исклучителниот совет од Махатма Ганди и да бидеме промената која сакаме да ја видиме во Македонија!

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс