Крајно дискриминаторски настан се случи на 01 април (петок) на Државниот натпревар во џудо за основните училишта во организација на Федерацијата на училишен спорт на Република Македонија, што се одржа во Кавадарци
Кога се прогласуваа првите три места во поединечна категорија во машка и женска конкуренција, на машките деца им беа поделени дипломи, медали и за прво место добија седумдневен платен летен одмор во Охрид.
За девојчињата немаше ништо. Одговорот беше дека немале доволно средства, па кога ќе собрале ќе им направиле дипломи и ќе им ги испрателе во училиштата. За медали или платено летување во Охрид не стана ни збор.
Да се случеше ова пред 100 години, па и да поверувате. Во денешно време кога живееме во свет на еднакви можности да го направите ова и никој да не одговара не ми е јасно.
Ако немале финансиски можности можеле да дадат само дипломи за сите, или ако сакале само татините синови да одат на бесплатно летување нека биле мажи па нека организирале машки турнир во џудо. Како сега да и објасниме на дванаесетгодишна ќерка дека иако освоила прво место за неа нема ништо бидејќи е девојче. За неа федерацијата немала пари, ама за машките имала.
Многу убаво ги учат малите деца за понатаму во животот. Многу ме интересира како би реагирал поранешниот премиер Никола Груевски со оглед на тоа што има две ќерки, а самиот тој декларативно се залага за еднакви можности за сите. Затоа не треба да не чудат срамните изјави на нашите ракометари после поразот од Тунис.
Целиот спортски развој на нашата ќерка го финансираме сами од тренинзи до носење на турнири, домашни и меѓународни (Софија, Солун) и секогаш се враќа со медали и дипломи, ама кога требаше да добие нешто од сопствената држава нема ништо бидејќи е женско, а државата има пари само за машките.
Затоа нека расте и нека тренира вредно, а ако дојде време за некој државен настап ќе размислиме бидејќи ова е држава на мажите. Можеби е време и за нас да побараме држава каде мажите и жените се еднакви.
Драгана Стојковска
Извор: Плусинфо


