Во Европа, што значи на Запад, политиката обично се дефинира преку обидите за воспоставување на општествен договор за иднината. Нешто се планира, предвидува, мисли, на крајот, колку што може да сфатам, се нарекува – економија. Ефикасен договор никогаш не може да биде поставен, или се воспоставува само во случај на елементарни непогоди, војна или голема економска криза – како онаа во Америка 1929., ама факт е, општеството и политиката непрестано тежнеат на таква врста на договор. Така е, имено, со иднината.
За минатото пак, невозможно е договор. Минатото е работа на индивидуални сеќавања, историска наука – што значи индивидуално проучување кое не може да биде поинакво освен како индивидуално. Договорот за минатото се воспоставува само во екстремни случаеви. Еден од таквите договори е Втората светска војна и општествен консезус на сеќавањето за неа. Ама и тогаш поединци имаат потреба, на крајот многу разбирливо, да го индивидуализираат погледот на минатото и’ да го разбијат и раздрмаат таканареченото колективно сеќавање, оние заеднички и договорени вистини на заедницата.
Договор за минатото не би смеело да постои, затоа што таквиот договор нужно води кон ревизија и поништување на индивидуалните сеќавања, поништување на историските стратегии, па и причините за постоење на историографијата.
Во нашата Македонија, она што се нарекува „Пржински договор“, е ништо друго освен договор за иднината. Па така, не беше она што беше, туку беше она што ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи дека било. А, како македонската заедница ни е закована со цврст систем, или само привидно идеолошки систем: час фашизам, час комунизам, најчесто национализам, така погледот на минатото повеќе нема никаква врска со тоа што навистина еднаш се случило. И нема само што нема врска со тоа, туку веќе не’ мислиме дека би требало да има.
Кај нас во Македонија, последните десет години, како никогаш во поновата историја, беа презрени, отфрлени од општеството или апсени луѓе заради потребата да се сеќаваат. Сеќавањето кај нас претставува инцидент, облик на настраност, непријателска пропаганда. Кој човек ќе се осмели да се сеќава, во најмала рака ќе биде осуден да самува. Сеќавањето, она сосема лично и не ре-креираното помеѓу Македонците, ДПМНЕ со помош на гнасна пропаганда го претвора во облик на субверзија. Кога ќе почне човек да се сеќава, кон тебе стадото ќе нападне, ќе те обвинат дека лажеш и клеветиш, затоа што стадото така се договорило околу тоа што е крајна и конечна вистина за тоа што се случило.
Последниве години би можело да се напише „историја на груевистичкото народно несеќавање“, сторија за нашата „фантомска меморија“. Ситуација во која е неможно, или недопусливо да се сеќаваш на она претходното.
Може Груевци да бидат јунаци и екстремни во секоја верба и уверување, иако нивните верувања истовремено – ни докажаа милион пати низ годините – се стравично плитки. Толку плитки и јуначни така што со својата историја не знаеја да се изборат, па почнаа со постојано заборавање и преправање на историјата, креирање на фашистички договори со своите коалициони партнери за минатото и, на крајот на краиштата, суштинско укинување на минатото. Оти минатото постои доколку постои сеќавањето за него.
Без сеќавање не’ постои ни времето кое изминало. Постои само ова сега и она што ќе биде. А со таков договор не само што не е возможен животот во времето, туку е неможна и свеста за временскиот ток.
СДСМ и здружената опозиција, невладините организации, поединците-личности, никогаш не треба да заборават што се случуваше изминатата декада. Нема да дозволиме нашето минато da биде ре-креирано, и нема да дозволиме да живееме во фашистички идеологии кои се креираат надвор од времето. Не’ прифаќаме никаков, ваш, Груевистички налог, да одиме на избори под ваш диктат! Ние сме луѓе кои се сеќаваат, ние не сме ваш кол-центар, ние не сме луѓе од вашите генерал-штабови!
Ако Груевци на нешто се сеќаваа, ќе умреа од срам! Или пак, кога, во еден момент, навистина би им се отвориле синапсите – и пропагандата исчезне од нивните глави – ќе умреа не од колективен, туку од збир на стотици илјади индивидуални срамови!
Како што гледаат Груевци, ние сме луѓе кои се сеќаваат што се’ ни беше правено изминатите години! Календарите се нашиот факт. Низ сеќавањето, календарот ни стана важна институција на времето. Знаеме зошто тоа го правеа и знаеме дека ќе продолжат да го прават и затоа не прифаќаме ништо под нивен диктат.
Се сеќава Груевски, верувам во тоа, дека беше кадар на некаква ДЕА партија, како што се сеќаваат неговите Груевци на личното „прелетувачко“ минато од една во друга партија, ама се сомневам дека пронаоѓаат било што како би ги поколебало и довело во сомнеж; согледуваат тие, претпоставувам, „менадри“ на таквото минато како дел на тегобниот пат во кој со текот на времето нивните идеи се „развиваат“. Лично познавам десетици тиквaри кои догматски беа приврзани на Љубчо и „Љубчовистите“ – и преку ноќ – го заменија со Груевски и денешното лудачко, догматизирано ДПМНЕ. Исти тие тиквари, до вчера заколнати интернационалисти, комунисти, либерали, без никакви скруполи, денес го бранат одвратниот груевизам и уште поодвратниот первертиран македонски национализам.
Ги среќавам, овде-онде, понекој таквов ајван, ама, иако умеам да бидам гаден и поган на јазик, некакви скруполи не ми дозволија да ги припрашам: а како до таква промена дојде? Што му претходеше на таквото помрачување/просветлување?
Пишува: Ненад Јовановиќ,
граѓански активист


