Пародијата во која главен глумец беше поранешниот премиер на таканаречената земјоделска влада, Никола Груевски и крупниот добиток на фармерот од Пуста Брезница, имаше познато сценарио но изгледа (конечно) публиката покажа повисоки критериуми.
Замислата на пи-ар службата на Груевски, како и во изминативе 10 години кога се шеташе по ниви и фарми со шешир на глава, беше да го прикаже близок на фармерите но и познавач на состојбите, имајќи предвид дека оваа влада го зема ексклузивитетот на „заштитник“ на земјоделците.
Но мукањето на кравите, кокошката што се шета, новинарите со затнат нос и подадените микрофони на владините медиуми, потоа, збунетиот поглед на сточарот и очигледната нелагодност на заменик министерот, беше претставата која ја виде македонската јавност.
Да се разбереме, Груевски и до сега сите реклами што ги прави за аграрот не се наменети за земјоделците , тие точно знаат каква е состојбата во аграрот, рекламите се за граѓаните да видат колку тоа владата се грижи за аземјоделството и да не им веруваат на производителите кога се жалат на реалните состојби.
Сточарите точно знаат колку им се празни фармите и џебовите благодарение на погрешните аграрни политики на владата на Груевски. Нивната состојба ја бележи и статистиката.
Во последниве 10 години, според официјалните статистички податоци имаме намалување на добиточниот фонд и тоа: говеда за -13.823 грла, свињи за -2.063 грла, овци за – 508.344 грла, коњи за -21.182 грла ( скоро 50%), живина за -645.448 грла.
Исто така имаме и намалување на домашното млекопроизводство за 30% а сточарите од терен велат дека половина од фармите се празни, а производството на млеко е преполовено.
Причината за ваквата поразителна состојба во сточарството е резултат на нерентабилното производство на сточарите поради скапата добиточна храна, немањето земја за обработка, ниската откупна цена на млекото од 15 денари за литар и неисплатените (ниски) субвенции за млеко и грло добиток по неколку месеци, да не речам, години.
Но сточарите, за жал го паметат и најголемиот криминал на Груевски со пропадната млекарница „Свед Милк“, криминал кој некои сточари го платија со живот. Сточари кои не издржаа од мака. Катанци на фарми, кредити, хипотеки на куќи и пропаднати илјадници евра, беше судбината која ги снајде 5000 кооперанти излажани од Груевски.
Сликата за македонското сточарство со „заштитникот“ на земјоделците Груевски, нема да биде комплетна ако не ги спомнеме и 20 000 крави на Субрата Рој. Ова воедно е најголемото понижување на граѓаните на Република Македонија за изборни цели и директно влијание врз зголемениот увоз на храна кој е достигна 700 милиони евра. Пет години 5000 хектари од АК Џумајлија останаа необработени, а земјоделците молеа за парче земја.
После ваквата состојба на македонскиот аграр, јасно е зошто Груевски излезе смешен додека ги читаше силните бројки за препород на сточарството преку зголемена лактација и високо млечни крави.
Таква мерка може да даде ефект само доколку се исполнети и другите услови, а тоа се повисоки и редовни субвенции за сточарите, зелена нафта, земја на која ќе произведуваат добиточна храна со системи за наводнување и сигурен откуп на млекото. И најважно заштита од државата за да се почитуваат договорите за откуп од страна на млекарниците.
Со вакво сценарио нема потреба од глума.
Ленче Николовска


