Владини функционери за партиски цели

После десет пропаднати реколти  на Македонскиот аграр во кои Груевски има инвестирано наводно 700 милиони евра субвенции, имаме намалување на растителното производство и добиточниот фонд, а зголемување на увозот на храна.

Ова „нерентабилно производство“ на владата е потврда на тезата дека Груевски и никогаш не го интересирало земјоделското производство  како важна стопанска гранка.  Неговиот интерес е само земјоделецот,  само работната рака, онаа иста која треба на избори да ја заокружи владеачката партија.

Токму затоа, не сакајќи да ризикува со овие 200 000 земјоделски семејства тој  носи различни мерки, а сите со единствена цел да ги држи во „контролирани услови“, како во канџи, особено во предизборието. Во овие 10 години, власта  буквално инсталира луѓе од администрацијата кои вршат надзор врз земјоделците.

Првата таква контрола ја имаат од раководителите на подрачните единици на Министерството за земјоделство кои имаат увид во сите апликации на земјоделците поврзани со субвенциите, огласи за државна земја под закуп или конкурирање за механизација од програмата Рурален развој, популарно наречена 50-50 .

Најголемите притисоци и уцени земјоделците ги  трпат токму од овие владини функционери кои одработуваат партиска агенда. Им се закануваат со укинување на субвенциите, раскинување на договорот за земја или со враќање на тракторот.

Уште една институција која најдиректно е задолжена за притисок и агитирање на терен  е Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. Вработените во оваа агенција, а ги има 80 агрономи, кои што се задолжени за советодавни услуги на земјоделците, вклучувајќи и апликации за програмите на владата и за ИПАРД средствата, ја злоупотребуваат функцијата во партиски цели.

Пред две години се донесе и закон за таканаречени подвижни канцеларии со  кои, наводно требаше одблиску да ги запознаваат земјоделците со мерките на владата  и да им делат совети како да ораат, заштитуваат и други агротехнички мерки. Со овие подвижни канцеларии тие имаат законска дозвола да им одат по куќи, на фарми, ниви или овоштарници. Земјоделците се жалат дека во предизборие доаѓаат во селата со комбиња ишарани со логото на МЗШВ и ги заплашувале, правеле списоци за субвенции или трактори,  се разбира на подобни и неподобни.

Неодамна имаше оглас за нови 18 вработувања токму во оваа агенција. Нови партиски вработувања кои ќе се возат во комбињата и ќе ги притискаат земјоделците.

Но најновата мерка на Груевски, Советници на земјоделците, на принцип на матични доктори, е последниот обрач околу земјоделците. Тие ќе имале обврска да ги посетуваат земјоделците на нива неколку пати годишно и да им да давале совети што и како да сеат или садат. На земјоделците да им останела само работата.

Според најавите на Груевски, матичните советници бил скап проект, но очигледно ризикот да го напуштат земјоделците после катастрофалните години, не смее да си го дозволи.

Овие бесплатни „совети“ од функционерите на Груевски, може скапо да го плати земјоделецот, со нови пропаднати реколти. Токму затоа земјоделците треба да се охрабрат и да не подлегнуваат на ваквите притисоци од  вработените во МЗШВ и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството кои се противзаконски и за кои се одговара.

Ленче Николовска

Најнови вести

Најново од Агро Бриф, Ударни вести

Најчитани вести