Граѓанинот со големо Г и граѓанинот со премало г!

Македонска народна приказна

Пред дваесет и кусур години, на едно мало парче земја си живеел еден мал по број народ,ама чиј граѓанин бил голем,достоинствен ,горд и со големо Г! Тој народ и тој граѓанин бил трудољубив, скромен, здрав,весел,неоптоварен со проблеми! Знаел да се дружи, да се забавува,да помага,да се смее. Бил добар син или ќерка,уште подобар родител!Добар комшија! Имал високи морални вредности,не крадел,не лажел, со пиетет се однесувал кон потесното и поширокото семејство.Живеел и животните вредности без предрасуди ги споделувал со сите. Го славеше и Велигден и Бајрам со соседите. Беше работник и граѓанин со големо Г!Живееше во држава која беше горда на работничката класа.Садеше и сееше ,и кога родот беше богат ,му даваше и на комшијата. Граѓанинот со големо Г не знаеше за кредити и неплатени сметки,за нервозни административни службеници,за уште понервозни лекари ,за шалтерски работници кои абер немаат од работата за која се платени…..не знаеше ни за Јаков,ни за Глигорие,ни за Драгољуб,ни за политички експерти…ама среќно си живееше. Граѓанинот со големо Г ги воспитуваше своите деца да учат,и притоа да не очекуваат помош од него,зошто тогаш образованието не познаваше полагање на испити со пари или врски.Граѓанинот знаеше дека тогашните професори беа авторитети и уставно право се полагаше со шест месеци учење. Граѓанинот со големо Г,не беше голем заради марката на возилото, гардеробата или банкарската заштеда,туку заради работливоста и скромноста.Колку поскромен ,толку Г беше поголема.

И не знам кога и како,се престоривме во граѓани со многу мало г? Малото г денес не е достоинствен, ни горд, уште помалку скромен човек. Редовно е под стрес и голта лекови на кило. Го мрази терминот работник, и сонува за администрација.Сака да го заборави фиќото и сонува за ферари. Никој не учи, а сите се магистри. Завршиле угостителство и туризам или географија, а се политички експерти. Крадењето и лажењето стана најголема вредност. Семејството стана место за случајни средби. Кредитите –стил на живот. Марките на автомобили и телефони, прашање на живот или смрт.Граѓанинот со мало г, почесто пие хелекс од вода. И пак,одново и одново како и кога се престоривме со толку мало г?!

Дивна Јовковска Ефтимовска

Најнови вести

Најново од Ракурс