Земјоделското производство не се само субвенциите, тоа мора да се следи, да се прогнозира и да се реагира на време. Така е во растителното производство, уште повеќе така треба да биде во сточарското производство каде што добиточниот фонд еднаш изгубен, тешко се обновува.
Последниот кошмар што им се случува на сточарите со појавата на болеста „јазлеста кожа“ е само уште една потврда на хаосот и стихијноста во водењето на македонскиот аграр. Сточари оставени сами, не информирани навреме, без соодветна реакција од страна на институциите, маки мачат со болеста.
А првите знаци за појава на „јазлеста кожа“ кај добитокот Агенцијата за храна и ветеринарство ги имала уште пред половина година кога болеста се појави во Бугарија и Грција.
Регистрирањето на заболени говеда во регионот, за една сериозна држава која се декларира како земјоделска, би значело вклучување на аларм. Но не и за нашата влада. Првите информации за превентива од „јазлеста кожа“ АХВ ги објавува на 21 април кога е регистрирано и првото заболено животно.
Незаинтересираноста и непрофесионалноста на институциите доведе до страотни последици, се прогнозираат 3000 заболени грла.
Тоа е огромна бројка имајќи предвид трендот на намалување на добиточниот фонд во државата последните години и 30% намаленото домашно млекопроизводство. Болеста е последниот удар врз сточарите.
Ова е огромна бројка и ако се спореди со важноста на овие грла добиток за една фамилија. Тоа се најчесто одгледувалишта од 3-5 крави на земјоделци кои вадат парче леб продавајќи го млекото и по некое теле. Белка, Шарка, Милка…кравите им се се како членови на фамилијата. Само тој што чувал добиток може да ја разбере тагата и загубата на овие луѓе кога добитокот се носи на усмртување.
Оваа болест кај нас се појавува за прв пат, но тоа не ги амнестира властите од навремена реакција. За прв пат се појави и во Бугарија но таму веќе втора недела се врши вакцинирање, а од 22 април започна и обештетувањето за угинатите грла добиток.
Кај нас од Агенцијата за храна и ветеринарство најавија дека вакцините ќе стасаат дури до крајот на овој месец. До тогаш сточарите можат само да се надеваат дека добитокот ќе куртули од болеста и максимално да ги превземат сите неопходни мерки околу дезинфекција на фармите и одгледувалиштата.
Случајот со болеста која уште се нарекува Чума за крупниот добиток е уште испит на кој паднаа надлежните инстутуции. Залудни се апелите на сточарите да им се помогне со болеста. Очигледно дека власта има поважна работа од справувањето со „јазлестата кожа“, да ја спасува сопствената.
Ленче Николовска


