Блокада од стотина трактори и земјоделци на улица кои бараат помош од владата за решавање на нивниот проблем со палсманот на земјоделските производи. За било која нормална држава ова е нормално однесување и искажување на револт од страна на граѓани на една држава кои се соочиле со проблем адресиран до политиките на актуелната власт.
За Македонија, ваква, под „опинците“ на Груевски, ова е своевиден феномен, ако ја заокружиме информацијата дека протестот е организиран од земјоделци од село кое важи за вмровско. Да, во тоа се состои „ненормалноста“ на оваа држава, селата и земјоделците се поделени по партиска линија и тешко може да се случи поддржувачите на партијата, да ја преминат тенката линија и да протестираат против владата.
Порано, до 2006 години земјоделските производители беа прво ЗЕМЈОДЕЛЦИ, а потоа симпатизери или членови на одредени партии. Нивните проблеми беа заеднички, дали околу пласманот, скапите репроматеријали, ниски откупни цени, неисплатените производи, поради што и јавно зборуваа, без да прашаат за која телевизија даваат изјава. Се бунтуваа, протестираа, зборуваа гласно, гостуваа во емисии…сите беа едно кога се работи за проблемите во земјоделството, а критиките се упатуваа до владата.
Еден од поголемите гревови на Груевски е разединувањето на земјоделците на наши и ваши. Ова поделба успешно ја направи со субвенциите кои почнаа посериозно да се исплаќаат од 2008 година. Тие буџетски средства кои на земјоделците им следуваат со закон, Груевски со пропагандата на неговите медиуми ги претстави како негова лична инвестиција, помош која тој ја дава од џеб. Со овие пари тој од земјоделците направи поданици и послушници, а исплаќајќи ги селективно, најдиректно ги подели земјоделците на наши и ваши. На „нивните“ кога пријавуваа за субвенции, ако им недостига некој документ, дома им се јавуваат да ги информираат. На другите, им правеа намерни технички грешки поради кои подоцна не им исплаќаа субвенции со објаснување дека има пропусти во апликацијата. На почетокот ова го правеа суптилно и перфидно, за последниве години на сите да им е јасно дека ако си член на ВМРО ДПМНЕ, ако си негов активист, ако му носиш гласови на Груевски тогаш и субвнции ќе има и трактори од 50-50 и други бенефиции преку Министертсвото за земјоделство.
Но што на крајот добија земјоделците од ваквата сервилност кон партијата на власт? За што им се тие субвенции ако со нив обезбедуваат гол опстанок, наместо развој. Што со тракторот ако нема нива да ора, произвел а нема на кого да му го продаде родот, или ги чека парите од откупувачот цела година. Субвенциите, без при тоа да се има стратегија за земјоделското прозводство не се никаква помош од државата.
Токму затоа, земјоделците мора да се вратат на првичното, исправно однесување, дека тие се единствено земјоделци и треба да ги интересира единствено како го третира аграрот актуелната влада. Треба да се залагаат за долгогодишна стратегија која ќе обезбеди сигурно производство и пласман, а субевнциите ќе ги добиваат навреме и ќе служат за модернизирање и зголемување на производството. Тие мора да се залагаат за правилни мерки, за нивните подобри услови за производтсво и континуитет во спроведувањето на мерките без разлика која влада е. Земјоделците не смеат да бидат зависни од партиите, туку единствено да ги интересира дали актуелната власт има правилна аграрна стратегија, дали заработуваат, дали го прошируваат производството, го зголемуваат капацитетот на фармите, просто дали имаат развој.
Сетоа ова ќе го поткрепам со искуството на САД и ЕУ кога е аграрот во прашање.
Во Американскиот конгрес, републиканците и демократите се спротиставуваат по многу прашања, од образование до здравство, но единствени се кога се работи за земјоделското производство. Тоа е стратешка стопанска гранка која не трпи политички препукувања. Едногласни се кога се носи буџетот за земјоделство.
И во ЕУ, Заедничката европска политика (CAP) е токму тоа, мерките кои се носат за развој на земјоделството се однесуваат за сите држави членки на Европската Унија.


