Последното невреме што го зафати Прилепскиот регион и уништи најмалку 500 хектари под тутун и пченица, повторно ги извади на површина незаштитените земјоделци и хаосот во земјоделството.
Очекувано беше владата да се тргне настрана како и секогаш и да се повика на субвенцијата од 60% за осигурување на земјоделското производство и со тоа да се огради од секаква друга помош.
Тоа на земјоделците денеска им го соопшти и заменик министерот за земјоделство, Ванчо Костадиновски, кој на пошироката јавсност и е познат од „бомбите“ како „експертот“ за гласање на пензионери кои ги испраќаше во соседна Србија а после ги држеше на граница. Е од тој нечовек, денеска земјоделците бараа помош и нормално, не добија.
Тој на земјоделците им рече дека не може да им вети обештетување и ги искара зошто не го осигурале производството. Одговорите на земјоделците ги потврдија манипулациите на власта околу субвенционирањето и распределбата на државната земјоделска земја. Имено најголемиот дел од тутунопроизводителите не можеле да ги осигураат насадите бидејќи немаат потребна документација. Земјата ја имаат под кирија од концесионер кој не смее согласно законот за Земјоделско земјиште да ја издава земјата на трето лице. На овој одговор, Костадиновски не искоментира ништо.
Без текст остана и на одговорот на земјоделецот од Долненска општина кој рече дека кај нив осигурителните компании немале интерес за осигурување на земјоделските површини поради доцнењето или неисплатата на тие 60% субвенции што треба да им ги префрли владата.
Кога на овие две причини, ќе се додаде и беспарицата на земјоделците поради скапото производство и нерешениот пласман, јасно е тогаш зошто од 80 000 земјоделци и агробизнисмени кои аплицираат за земјоделски субвенции, само 5 % го осигуруваат производството и зошто сега владата треба да им помогне на овие земјоделски семејства кои остануваат без егзистенција.
Ленче Николовска
Видео:patokazmagazin.com.mk


