Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе ја испитува почвата во поплавените подрачја. Примероци ќе бидат однесени на анализа во лаборатории и за 10 дена ќе се знае дали земјоделците ќе можат повторно да ги сеат и обработуваат нивите, најави денеска заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски.
Тој денеска беше во посета на Страчинци заедно со Деканот на Факултетот за земјоделски науки Драги Димитриевски, со професори од Факултетот и стручни лица за да земат примероци и да може да се реализира мерката на Владата за испитување на почвата која беше погодена од поплавите во овој регион, особено, како што рече, во овие 12 населени места во регионот на општина Гази Баба.
– Целта на посетата е на лице место да земеме мостри од почвата со помош на стручните лица од Факултетот за земјоделски науки и понатаму тие примероци да влезат во анализа во нивните лаборатории и да се испита составот на почвата, на земјиштето и да се направи агрохемиска анализа и микробиолошка анализа да се увиди дали почвата има некои загадувања или е целосно контаминирана, рече тој при посетата на селото Страчинци.
Додаде дека по завршувањето на анализата на земените примероци согласно методологијата за агрохемиска и микробиолошка анализа на земјиштето ќе биде направен извештај и проценка за моменталната состојба на земјиштето.
Потенцира дека доколку почвата е загадена ќе бидат предложени и преземени мерки за таа да се врати во првобитната состојба пред поплавите.
– Ние како Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата на Република Македонија ќе обезбедиме средства коишто се потребни за целосно реализирање на она што ќе биде наведено во извештајот од анализата на земјиштето, истакна заменик-министерот Костадиновски.


