На 8-ми септември 1991 година резултатите од референдумското изјаснување јасно ја покажале волјата на мнозинството граѓани да живеат во сопствена држава. Македонија ја прогласи својата независност. Се подразбираше дека нема да биде ниту лесно, ниту едноставно. Македонија и нејзините граѓани беа исправени пред многу предизвици, но и можности. Оттогаш поминаа дваесет и пет години. До каде дојде Македонија? Каде, какви, како и колку се македонските граѓани? Ајде да го погледнеме својот дом!
Денес, Македонија тивко и несвесно почнува да ја губи својата нација. Добивам впечаток дека попусти ни се сите борби за уставното име кога несовесно дозволивме да ни се излизгаат од раце нашата заедница и нашите собраќа, и што летаргично дозволивме да се изгубиме самите себеси. Свирепо го разнебитуваме нашето заедничко минато, вредности, јазик и култура. Денес, по дваесет и пет години како никогаш досега сме сведоци на болен и незапамтен егзодус. Македонија ја напуштаат сите, и млади и стари. Мотивите за тоа генерално се егзистенцијални, но во немала мера и нематеријални. Нашето население веќе години наназад се гуши во својата сопствена неинвентивност, полтронство, идолопоклонство и смрдеа. Имаме државава која и покрај сите намонтирани перја и шминки, во суштина е хронично болна, празна и исцадена како лимон, и граѓани кои битисуваат од ден за ден чекорејќи инертно и бесцелно било каде.
Македонија ја слави својата држава и независност, но успеа да го понижи својот Устав и да ги распарчи своите институции кои требаше да бидат гарант и алатка за функционалност на системот. Денес, по дваесет и пет години нашите институции се систематски киднапирани, а системот е тотално нокаутиран и нефункционален. Општествениот договор за кој пред повеќе од дваесетина години овој народ беше постигнал консензус беше третиран како тоалетна хартија од мала група на злобни и неписмени политичари кои очигледно страдаа, а и сеуште страдаат од миопија и од комплесот на пониска вредност.
Во нашата мала и млада држава последната деценија е насадена една политичка структура за која науката, медицината и психологијата сеуште нема дадено комплетна дефиниција и лек. Груевистичката идеологија, вредности и концепти наголемо ги пуштија своите корени овде и на пиедесталот ги поставија сиромаштијата и стравот. Денес, најголем дел од населението преживува, а не живее. Економијата на оваа земја е пред колапс, а задолжувањето на сопствениот народ на алармантно ниво. Груевизмот успеа сопствениот народ да го направи зависен и уплашен од сопствената државата. А државата, тоа беше тој – Никола Груевски. Наместо груевизмот да се плаши од народот, беше обратно. Голем дел од овој народ несвесно и за трошки му се поклонуваше на севишниот лидер, а сите негови неистомисленици беа системски маргинализирани и задушени.
Македонскиот народ со години го љуби садо-мазо груевизмот. Груевски во овие дваесет и пет години независност севкупно четиринаесет години бил на власт. Светлите и прогресивни моменти за државата се многу малку. Нека проба само некој да ги набројува државните успесите под неговото водство! Груевизмот за сите големи неуспеси, разочарувања и страдања миксирано ги обвинуваше опозицијата и надворешните фактори и непријатели. Виновници се бараа насекаде освен во сопственото однесување и владеење. Медиумската и институционалната моќ на груевизмот му овозможуваше од македонските граѓани дополнително да создава зависни индивидуи.
Се инсталираше барок и масовно се градеа споменици наместо да се негуваат индивидуите. Овде спомениците живеат пософистицирано од граѓаните. Синдикатите се суспендираа, а работниците останаа незаштитени. Вистинските уметници се деградираа, а наоколу се форсираа секакви старлети и груевистички кло(в)нови. Јавната дебата и транспарентноста исчезнаа. Голем дел од новинарите беа претворени во груевевистички миленици кои ги напаѓаа сите останати освен него.
Денес, Македонија е целосно вредносно и културно разградена. Најголем проблем при преодот кон нов систем кој треба граѓаниот да го стави на пиедестал ќе биде вградениот ментален чип токму кај повеќето граѓани. Чипот на инфериорност, зависност и поткупливост. Македонскиот граѓанин се навикна да плаќа тројно повеќе за ненавремено подмирена сметка за комуналии, а политичарите да добиваат илјадници евра надомест дури и за патни трошоци. Да биде казнет за кал на гумите, иако со својот автомобил се движи по ужасни патишта. Да одговара за две марули, а да гледа како политичарите не одговараат за милионски провизии и кражби. Да ги земе оние недостоинствени двестотини евра плата и вечно да се поклонува и да молчи. Да трпи навреди и да биде омаловажуван и секојдневно да страда едвај успевајќи да врзе крај со крај.
Тој преоден процес кон системот кој ќе треба граѓанинот да го постави на пиедестал (и кој искрено верувам дека се повеќе граѓани-патриоти го посакуваме) би бил успешен и забрзан само доколку политичарите сносат одговорност за сите свои злодела, нанесени неправди и направени криминали кон својот народ во претходниот период. Тогаш, можеби на Македонецот ќе му светне дека сите сме еднакви, дека никој не е семоќен и дека никој не смее да му ги одзема елементарните човекови права. Дека треба да се биде гласен, бунтовен, солидарен и емпатичен, секогаш! Можеби тогаш ќе разбере дека ќе беше далеку подобро да се (из)бори својот пасош да го направи Европски, наместо да чека во ред за пасошот од некоја друга држава…
Дваесет и пет години се вртиме во круг. Тоа ќе го крунисаме со панорамско тркало. Зад нас ќе останат сите економско-финансиски пропусти, сите неискористени шанси за меѓународна интеграција, сите лоши приватизации и континуирани манипулации. Се надевам дека за скоро зад нас ќе го оставиме и груевизмот и дека ќе ја ослободиме државата од криминалот, злоделата и партијата, бидејќи независноста подразбира борба за слобода, а борбата против груевизмот во моментов подразбира и борба за зачувување на државата!
Пишува: Перо Костадинов
Фото:Роберт Атанасовски


