ГДОМ, таа самонаречена граѓанска организација, хорда од пронаци и распекмезени ќелавковци (обратно, долгата коса ја промени целата култура во времето на Стоунси, како не’ учи Кит Ричардс!), ја трујат Македонија (најпресна е трибината во Кичево!), отворајќи ја Пандорината кутија, го напаѓаат Заев, што значи го бранат Груевски; а пак овој, последниот, семакедонскиот патриотскиот кмет си молчи како „млада невеста“, или Буда, загледан во сопствениот папок
И што рековме? Се отвара Пандорината кутија, главните злидухови на денешниот одвртен груевизам, опскурниот Пандов и мрачниот Тони Михајловски се претставуваат како жртви кои го подигнале тешкиот камен под кој на светло на денот излегуваат најбизарните приказни и лудила кои во изминативе години слободно засушени жабуркаа низ Македонија, пенетрирајќи низ две теми за кои ништо не знаат, „двојазичноста“ и СЈО, нанесувајќи и’ на земјава уште поголема штета и срамота.
Имено, кога ќе ги нападнете ГДОМ-овци, ќе си заработите титула на лажливец и параноик ако само за момент ги дефинирате како пронаци групи кои постојано врескаат низ Македонија како некаков ментален жбун – не се санкционирани, туку добиваат отворена поддршка од груевистичкиот „естаблишмент“, како политички така и „интелектуално“. Медиумската поддршка се подразбира: урлаат и најтиражните весничиња и медиуми, ништо ним повеќе не им е премногу гадно, само доколку им оди „на рака“, било во комерцијална, било во идеолошка смисла.
Тие совршено се разбираат со својата публика: новинари кои не се срамат да пишуваат за публика на која срамот и е премногу туѓ. Кој смее да им се замеша во таквата идила?
И ден денешен, полицијата не ги приведува најекстремистичките, пронацистички, клерофашистички и на ним слични организации, како што имате низ разни скандинавии, англии, франции и останати цивилизациски и европски земји каде најлошите редовно се под полициски и секаков друг надзор, редовни информативен разговори и сл.; дури, во цивилизираната Европа ваквите групации се крајна маргина. Мејнстрим медиуми? Па таква багра не смее да помириса такво нешто. Имено, споменатите ГДОМ-овци, трло од „интелектуални“ опскуранти кои се „прославија“ со величење на најопскурниот од сите нив – Никола Груевски – историски најрелевантниот мрачњак. Добро, тоа не е ништо ново, ќе речете, но денес секој еден надрндан десничар кој држи до себе, треба да сфати дека мора да биде против овој човек, против вака устроена држава.
А нас тука, оние со „две чисти“ не’ интересира еден знаковит предавнички дел, еден микронски фрагмент, карактеристично за медиокритетниот и досаден Груевистички надвојвода, една Немислечка Мисла на еден поранешен текст кој Груевски го објаснува како човек со ужасно скромен политички опус, текст кој беше дело на човек од нивниот десничарски кампус: се предупредуваше уште далечната 2006. година како Македонија ќе биде комплетно киднапирана земја. Човекот предупредуваше дека Македонија ќе биде киднапирана институционално и уништена тотално од параполитиката на Груевски и неговата клиентела. Тезата вака беше напишана: „Македонија ќе ја презема малечка параполитичка структура, во однос на другите републики кои ‘структурно’ се поголеми“. Ајде на страна ваквата килава писменост и објаснување на ваквата теза – зборувам сепак за човек кој секогаш зборувал за „безбедност“; ајде да го занемариме и таквиот „оперативен“ прдеж на сите националисти како „ние“ во ништо (а всушност – во сешто!) неправедно го јадеме стапот заради „другите“.
Се’ ова е веќе видено, многу пати до сега. Ама да се концентрираме на метафизичката претпоставка, односно на егзистенцијалистичката интерпретација на денешна „Македонија“ и „другите“ републики. Заради нечија политичка волја, Македонија е помала од себе, а некои други во меѓувреме стана поголеми од себе. Комплицирано? Ма, јок! Тоа се вика „пад во историја“ – што би рекол Сиоран – или разложување во тродимензионална физичка реалност, некаква „идеална Македонија“ наеднаш се смалува како недостојна, додека другите ентитети, во чистиот Платоновско-груевистички свет на џуџиња, што во превод би значело дека сите се против нас, сите не’ касапат на наша сметка за туѓа пресметка.
Ова е ужасно важно за нашиот националистички дискурс во неговиот најсоголен и најопасен дел: „метафизикување на Етносот и Државата, нивното хо-рук онтолошко аванзирање во некакви надвистинити, работи кои не само што стојат и постојат ‘сами по себе’ надвор од детерминираниот ‘историски контекст’ на жртва“, што во пластична смисла значи дека на Македонија и’ се знаат точно димензиите. Мала земја која паѓа лесно во наци-фашистички занес, дури и’ од сопствениот прдеж паѓа во трајна вознемиреност; денес тоа e државата, утре нацијата, задутре земјата, следниот ден „другиот“ и слично на тоа.
Имено, Мистикот точно знае каква е Македонија, „вистинската“ Македонија, онаа Македонија која не зависи од хировите на историјата. И уште се лути што онаа профана Македонија, онаа од физичката реалност не се поклопува со онаа „вистинската“.
Да ја земеме следната „пластична“ споредба: човекот како биолошко детерминирано битие, кое притоа се движи во историско време, се раѓа, да речеме, тежок три и половина килограми, па во некој период од животот ќе стигне до тежина од 100. килограми, а во моментот на смртта тежи, да речеме 88. килограми. Ќе се роди 58. сантиметри, а ќе нарасне два метри. И што од се’ тоа е права „вистина“ и „тежина“? Државите и нациите како историски појави, поминуваат низ слични фази од животот, растат и се снижуваат, некои и по повеќе пати. Етницистичката (не)мисла, меѓутоа, се’ ова го апстрахира, таа Нацијата и Државта ја гледа како стерилна, лабараториски направен конструкт како Мрачна Илузија која до танчина и засекогаш е наменета и „одредена“ за едни те исти димензии, смисла, персонални и судбински наративи.
Да завршам. Кога ГДОМ-овци ломотат во јавниот простор тешки небулози, тоа значи дека се работи во политичка смисла за „филозофски скандал“ во еден и’ по својот табиет политичко безначајно соединување, оној силен симптом на една морално, интелектуалнo и филозофскo пропаѓање, глупав веледржавен патриотски проект кој е толку фрагилен и осуден (во изворно значење) на идиотизмот создаден од неговите премиси.
Пишува: Ненад Јовановиќ,
граѓански активист


