Ликот што како метеор влезе во нашите животи се вика Диме Спасов – внимание, не Дик Трејси; тој припаѓа на нашиот свет кој изумира – и по професија е… хм, само да видам… аха: водечки светски предавач во областите од економија, социјална политика, филозофија и државен бизнис
Се дигна голема хистерија за Диме С., прилично бучна и помпезна, како да е во прашање холивудски или рокенрол суперстар, како да е во прашање некој кој ги напишал клучните песни на Стоунси, како да е некој што ја оставил Кетрин Зита Џоунс без здив, како да е некој што ја украл жената на Кит Ричардс, го убил Ал Пачино во клучна сцена од некој трилер, како да е некој што се борел на рака со Хемингвеј, како да е некој што го импресионирал Сол Белоу, ортачки скитал со Клинт Иствуд по дупките во кои се свири најдобриот џез. Кога види – ништо од тоа. Се работи за некој Диме, клинец од Владата на нашиот семoќен и до (зло)болка досаден Груевски.
Реално, ниту вие, ниту јас знаеме нешто за него, ама сепак, тој е Голема Фаца, толку голема што луѓето плаќаат влезници за неговото „социјално“ подржавено предавање. Што предавање: еднодневен семинар, сас паузу. Кога Диме С. држи партиски семинар за „социјално“, влезниците се многу скапи. Додуша, тука е уклучен ручек: сендвич, проја и качамак, лукче и лебче, со по некоја лутеница и по некоја љута раќија.
Ликот што како метеор влезе во нашите животи се вика Диме Спасов – внимание, не Дик Трејси; тој припаѓа на нашиот свет кој изумира – и по професија е… хм, само да видам… аха: „водечки светски предавач во областите од економија, социјална политика, филозофија и државен бизнис“. Не пишува, имено, дали е „водечки предавач“ и во сите партиски дициплини поединечно, или само – а пред се’ ќе биде тоа – кога сите ќе се забиберат во иста каша, па кој што во неа и од неа улови? Како и да било, нема да поверувате, се најдоа илјадници луѓе да му платат влезница за кои „Стоунси“ можат само да сонуваат. Рачунаат луѓето дека таквата инвестиција многуструко ќе им се врати, затоа што Големиот Трејси дојде да ги насочи, (о)бодри и посоветува за „стратегиите за максимизирање на профитот“.
Ако мислите дека сакам да ви кажам како се работи за некаков патувачки шарлатан кој успешно го „испофаќал“ македонскиот груевистички сноберај, журкици, диско и „лесно мевце“, се лажете. Прво, од каде јас такво нешто би знаел, мене сите груевци ми се исти, како што некој Боле не’ би можел да го разликува Моцарт од Салиери; друго, се’ укажува на тоа дека се работи за сериозен тип, то ест, барем онолку сериозен колку што се сериозни дисциплините со кои се занимава, како кога ќе ги фрлиш на купче, па промешаш, побрзо да превријат. Нашиот Трејси кој не е Дик е еден од оние фалшливи груевистички „бизнис-подржавени гуруа“ и оној типичен техноменаџерски табиет „nou hau“ кои се со бејби-фејс, деца создадени од македонскиот постапокалиптичен свет, онака како што во „класична“ (да не речам „права“) наука sвезда е еден Стивен Хокинг, или Ричард Докинс, или Славој Жижек. А оние локални „картаџии“ кои платија влезница само како би можеле да ги слушаат напитоците на груевистичкиот Гуру, практично не се замлати кои не знаат како да го потрошат времето, туку тоа се луѓе кои ужа специјалност им е економисање со времето и парите. Така што веројатно знаат за што платиле и, кои сме ние тука да им сметаме? Диме С. е македонскиот role-model, по ѓаволите со нас!
Kaко ни јавуваат весничињата, со нашиот Трејси кој не е Дик сепак се’ е во најдобар ред, како што е во ред и’ со неговите внимателни груевистички „слушатели“, фиќфириќи кои го трасираат напредниот курс за македонскиот Нов Човек, овој пат одново капиталистички: откако оној Комунистички Нов Човек сконча на масовната гробница од зарибани, неупотребливи утопии. Е, само заради нив треба да го „пернам“ груевистичкиот Нов Човек во Новиот груевистички „семинар“, само како непосредно би се уверил во она што секако го знам: дека тоа се луѓе во оние скапи и исти, безлични одела, оние кои ги гледам – оздола, а како поинаку?! – со целиот свој безвезњачки и слабопрофитен живот, оние кои за време на „Груевистичкиот сон“ ја „максимизираа македонологијата“, а сега би сакале малку „максимизираниот“ профит да го потрошат на кока-кола-марлборо-сузуки идеологија. Оти, таквите, едноставно се такви, стално би сакале нешто да максимизираат и минимизираат.
Ништо не ни чини, секоја системска кошула ни е тесна, секоја постела ни е Прокрустова. Па, по ѓаволите тогаш и со нас, ние сме поразен остаток од нешто што и’ не е вредно за чување, доаѓаат Врили Нови Луѓе, оние кои се од неуништива сорта, „секретари на идеолошки комисии“ лесно префрлени во „хјуман ресорс менаџери“, „адвертајзинг експерти“, „мерчендајзери“, „пи-ар персони“ и-како-веќе-се-не-се-нарекуваат-тие-луѓе кои во сите системи успешно живеат без вистинска професија. Иднината им припаѓа нив, баш како во онаа убава песна. Е, навистина ја заслужија, и ние со нив.
Пишува: Ненад Јовановиќ,
граѓански активист


