Изминаа скоро шест месеци од отворањето на Хотел Гогов. Дали сте задоволни од досегашниот интерес и дали ги исполнивте поставените очекувања? Што понатаму?
Пехчевскиот регион за голем број туристи е неистражена дестинација, а сега со отворањето на првиот хотел во Пехчево имаат прилика да престојуваат и да уживаат во природните убавини на овој регион, како и во услугите кои ги нудиме во Хотел Гогов. Интересот и посетеноста ги надминаа нашите очекувања, а за понатаму ќе се стремиме да го зголемиме бројот на гости, а секако и да го задржиме квалитетот. Во однос на очекувањата и поставените цели, можам да кажам дека одевме постепено и сега гледаме дека дури сме ги надминале. Тоа ни дава мотив да ги зголемиме сопствените критериуми, да создаваме нови понуди, интересни содржини, за гостите што веќе биле – да ги изненадиме со новитети, а за сите новодојдени гости да ги заинтригираме за повторно да се вратат. Има што да понуди овој град и овој регион. Ние, како хотел тие содржини ги правиме подостапни.

Кои се најчестите предизвици со кои се соочувате на оваа работна позиција во Хотел Гогов во Пехчево, согласно досегашното искуство?
Најголем предизвик е личните искуства и знаења да се пренесат во работењето и да се исполнат очекувањата на гостите. Големо е задоволството кога тие заминуваат среќни од престојот и услугите кои ги добиле тука, а после некое време повторно нè посетат. Хотелот е отворен од јули годинава, а имаме гости кои повторно се враќаат и престојувале веќе неколку пати. Тоа е најдобриот и највредниот показател за вредноста на тоа што го нудиме, од аспект на услугите во Хотел Гогов, но исто така и од аспект на околината, градот и природата околу нас. Откривањето на убавините на овој крај, го правиме предизвик за гостите и авантуристите.
За кои гости Пехчево е попривлечна дестинација, за домашни или странски? Што можете да ни кажете за нивните импресии, барања, очекувања?
Најголем број од гостите кои престојуваат во Хотел Гогов се од Македонија, но сепак според реакциите на досегашните гости на сето она што Пехчево и околината нуди, може да се заклучи дека како народ малку си ги познаваме убавините и особеностите на нашата земја. Затоа, во Хотел Гогов на некој начин си поставивме мисија да ги направиме подостапни убавините на Пехчевскиот регион. Преку организирани тури, разгледувања и посети, со обучени водачи, правиме посетителите да се воодушеват од овој крај и повторно да нè посетат. Воедно, што е многу охрабрувачки, подеднакво голем е и бројот на гости од Република Бугарија и од Холандија. Пример, за дочекот на Новата Година, уште од септември хотелот е целосно резервиран за гости од Република Бугарија кои веќе два пати беа наши гости. Нивните очекувања се љубезност, внимание, насмевка од страна на домаќините, квалитетна храна, квалитетна понуда со содржини и активности за релаксација и исполнување на времето. Сето тоа што ние го нудиме.

Со отворањето на Хотел Гогов нудите еден поинаков и невообичаен, можеби алтернативен туризам. Што е специфично за Пехчево и што различно има да понуди? Дали хотелот нуди пакети што вклучуваат дополнителни активности на отворено?
Местото изобилува со природни убавини, питоми планини со богатство од потоци, чист воздух, шумски плодови и билки. Вистинска “воздушна бања” со околу 2500 сончеви часови годишно. Во близина на градот се наоѓа ендемичното инсектојадно растение – Drosera Rotundifolia позната како муволовка, кое од балканските земји само тука може да се види. Тука се и 5 прекрасни водопади на реката Брегалница и нејзините притоки, а на петнаесетина километри на самата граница со Република Бугарија на местото Ченгино Кале е изворот на реката Брегалница, од каде се гледа Пирин планина и прекрасен пејзаж од пасишта и шуми. За љубителите на адреналински спортови во боровата шума на 600 метри од хотелот е адреналинската патека и Зип линија. Поставена на височина од 4 до 6 метри на борови дрвја со 38 рампи, претставува вистински предизвик и незаборавно доживување. Како дополнителни активности, организираме прошетки и планинарење со водач, џип тури, ручек на бачило, а има неколку одбележани планински патеки од 7 до 30 километри кои водат низ прекрасната борова и букова шума. Имаме содржини, активности, рекреативни тури и за оние што сакаат вистински релаксирачки одмор, но и за оние кои се во потрага по истражување, авантуризам, па дури и за уживателите на екстремни и адреналински спортови.


