Оној што никогаш не го предал својот народ, оној што никогаш не му се спротивставил на својот народ, оној што зборува од името на целиот народ, што би рекле Кавадарчани, си прајме два денара муабет – за него не давам ниту пет пари. Утрово, на пример, не ми даваат ниту да пушам. Дома можам, ама јас сакам надвор. Келенерот ми приоѓа ѝ вели: денес нема тутун, доаѓа инспекција од Велес, знам, само ја работи својата работа, што не значи дека помалку ме нервира. Владата на „Тврдокорните“ забраната за пушење ја објасни како „воведување на европски стандарди“.
Така тоа се прави: во земја која економски се распаѓа, земја во која царува пљачка и некомпетенција, земја во која конкурира предавството и ендемскиот примитивизам, земја во која лагата се издигна како општа вредност, европеизацијата има да се спроведува преку забрана за пушење. Оној што навистина сака радикална промена во оваа земја, ќе мора со сите сретства да го поттикнува пушењето цигари по кафани, најдевајќи се дека таа работа навистина убива, оти со овие човечки ресурси таа задача е невозможна за остварување.
Излегов надвор, пушам цигара и пијам кафе на минус пет. А како би било во Македонија да се забрани малоумноста и бесрамноста на јавно место? Нека се наоружа комуналната полиција со мерачи за идиотизам кои ќе можат да ја регистрираат секоја реченица со зголемен степен на глупости, која, општо е познато, загадува многу повеќе и проверено произведува повеќе жртви одошто пушењето. Па тие комунални полицајци, од Владата, медиумите, куририте, факултетите и академиите ги протераат загадувачите. Кога би се направила деидотизација на јавниот простор, би можеле на мира да пушиме, бидејќи нема да остане никој на кому би можеле да му сметаме со димот од тутунот.
Тврдокорни кафански билмези
Пред некоја ден, со повишен тон, на мој драг пријател, му велам: „онаа битанга дава 2.800 денари социјална помош, а си купи мерцедес за „деца“ од 600.000 евра“. Од спротивната маса: „а што треба таков човек да вози“, ми возвраќа еден непристоен билмез, очигледно беше натрескан со лута ракија. Го занемарив неговото индуцирано и робовско мислење, па се поттикнав деновиве да откријам „каква политичка елита се Груевци“. Што открив? Денес елита не постои во смисла на некоја просветена група од луѓе кои се грижат за општо добро, не постои елита која се грижи за јавен интерес.
Голема интелектуална фигура како Кант, би можел да претставува просветителска елита, ама денес пропагандните Курири изигруваат псевдо-просветители: во Македонија тие го презедоаона место кое некогаш го имаа филозофите и уметниците. Новинар каков што беше Ambrose Bierce, или пак, каков што беше Karl Kraus, што значи „новински писатели“, такви кои од новинарството направија уметничка форма, би можеле да бидат елита. Ама денес, дури ниту новинарите не пишуваат: работат copy-paste, најчесто не знаат ниту што објавуваат кога Центарот за комуникации им наредува што треба да објават како текст, настан, интервју. Големиот Karl Kraus запиша: „Тиранијата своите робови ги дарува со три врсти на слобода: мислење ослободено од интелект, забава слободна од уметност, оргии слободни од љубов“. А човекот, да потестиме, живеел во последната третина од 19. век, и првата четвртина од 20. век, тој човек многу рекол за нашиот свет, не?
Груевци во Македонија на симболички начин ни се претставуваат како елита. Па според таквиот факт, јасно сведочиме дека местото за вистинска политичка елита е празно. Она што порано беше општество во Македонија – благодарение на Тврдокорните – претставува сива, безлична маса сочинета од безбројни индивидуалности без солидарност како сврзно ткиво. Тоа е штелувана и индуцирана маса која ќе ги штити криминалците. Таа маса е хоризонтално организирана, според принципот на лажна егалитарност. Самото постоење на вистинска елита би подразбирало, пак, вертикална, хиерархиска елитна организација.
Општество повеќе не постои
Да потсетиме, општество повеќе не постои. Тоа го објави уште Маргарет Тачер: „Не постои општество. Постојат индивидиуални мажи и жени, и фамилии.“ Тачерица, таа хероина на турбо-капитализмот. Многу малку луѓе постојат кои направија толку многу за таквиот систем како неа. Импликациите се очигледни: ако нема општество, нема ниту солидарност, нема ниту потреба да се помогне на загрозените делови од Македонија (ете ви ја фамилијата, па таа нека ви помага?). Прашање од милион долари: ако нема општество, што би било тогаш, или кој би бил тогаш, општествена елита?
Груевци како елита, јасно, се одвратни, на исти начин како што беше одвратна и транзицијата која сè уште трае, и транзиција на која одвратно се збогатија. Надеж ќе има само за нивните внуци, под услов ако ги школуваат во странство и’ да го сочуваат богатството додека овие не стигнат, приказна во која ќе успеат многу малку од нив. Прво, затоа што обично така бидува, а дел заради сопствените глупости, бахатост и иритантен начин на богатење и владеење. Нашата Груевистичка елита потсетува на човек осуден за пљачка, кој додека го водат на бесење, ги краде новчаниците од насобраната толпа.
Слободен од тиранијата на медиокритетот
Овие денови читам есеи и книги од големиот адвокат, филозоф и граѓански активист, Срѓа Поповиќ. Човек што својот живот го помина слободен од тиранијата на медиокритетот. Слободата секогаш има цена. Се’ што ве даруваат и што ви гарантираат не е слобода, велеше Срѓа Поповиќ.
Избрав да пишувам; избрав да се занимавам со „јавни работи“, соопштувајќи дека тој, народот, со исклучок на неколку поединци: филозофи, уметници и предавници, претежно се идиоти. Да биде работата уште полоша: што поголема маса, што повеќе народ, тоа поголема глупост. Не за џабе Европа санкционира учество во толпа. Таа дури „низ заби“ дозволува и митингашења кои ги смета за апсолутно небитни и беззначајни во политичка смисла, ама кој сега да влегува во ситните црева на Европа?
Никогаш ништо не сум направил за еден народ, ништо не сакам од ниеден народ, освен да ме остави на мира. Реално, ако не се работи за пропаганда, не постои ниту еден човек што може да направи нешто за еден цел народ. Дури, ако сме искрени: конкретни личности имаат конкретна адреса и место на живеење, на народите во трага не можеш да им влезеш.
Да завршам. Оној што никогаш не го издал својот народ, оној што никогаш не се соочил со својот народ, оној што секогаш бил со својот народ, оној што секогаш зборувал од главата на еден народ, за таквите не давам ниту пет пари. Таквите луѓе се споменик на битангите, пљачкашите и убијците. За таквите не давам ниту денар.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Граѓански активист


