Десет години вистинските земјоделци уста имаа, јазик немаа. Десет години профитерите, таканаречени лидери на земјоделците, ги злоупотребуваат за лични интереси. Еден од нив има законски нерегулирана фарма, друг неплатен трактор од Јапонската помош, трет се намести за претседател на Федерацијата на фармерите на Македонија, четврт продаде имот на Сојузот на тутунарски здруженија, а најгласниот, скоро излезен од затвор за семејно насилство, се оддолжува за вработување на близок роднина.
Сите тие, корумпирани и задолжени кај Груевски, одработуваат за ВМРО ДПМНЕ овие десет години. Овие службеници на власта служеа да ги држат понастрана земјоделците од зградата на Илинденска, секогаш наоѓајќи друг виновен за состојбата во која се наоѓаа. Некогаш тоа беа трговците, друг пат откупувачите, па преработувачите, временските прилики, неприлики до странските држави кои редовно не „мразеа“ и не ги сакаа нашите производи.
Десет години, на сите проблеми кои ги имаа земјоделците не дојде ниту еден трактор или комбајн пред влада. Вчера протестот требаше да биде за субвенциите кои им доцнат една година, за неисплатеното грозје, непродадениот ориз, скапата нафта, неквалитетните семиња, ѓубрива, заштитни средства, ниската цена на пченицата, млекото, јагнето, неисплатените штети од мраз, поплава, суша…вчера требаше да има трактори со македонска земја на гумите од која со црни маки се вади парче леб за децата и семејството.
Голем дел од вината за ваквата состојба имаат и самите земјоделци кои дозволија на овој начин да бидат манипулирани и злоупотребени. Нивната незаинтересираност да се организираат сами, да постават луѓе кои можат да ги водат и да се борат за нивните права, ги доведе во ситуација да бидат препуштија на овие профитери.
Можеби се работи за менталитет, можеби за наивност на земјоделците, но сепак најголемиот виновник за ваквата нивна состојба е Груевски. Тој чесноста на вистинските земјоделци ја искористи за да остане власт, но не со работа и подобрување на состојбата во македонскиот аграр туку преку уцените и заплашувањата на земјоделците кои ги поминаа сите негови тестотви на издржливост. Не им исплаќаше субвении, тие гласаа за него. Ги фрлаа праските, доматите, пак гласаа за него. Грозјето им го земаа без пари , ги крадеа пред очи на власта, повторно беа за неа. Во целата оваа операција главни беа таканаречените лидери на земјоделците, негови службеници. Токму затоа тој инвестираше во нив како исклучително важни.
Вчерашната парада на новите трактори (како во Џумајлија кај Субрата Рој) и комбајни пред Влада, во знак на протест против двојазичноста (?!) беше последната ненормална, перверзна состојба со која се запечати работењето на „Земјоделската“ влада и дволичноста на овие луѓе кои го претставуваа поранешниот премиер Никола Груевски, најголемиот уништувач на македонскиот аграр.
Тие ја бранеле Македонија?! Тие не ја бранат Македонија, тие го штитат криминалецот кој парите на земјоделците им ги даде на негови пајташи, заедно со државната земјоделска земја, додека вистинските земјоделции пропаѓаа а Македонија увезува храна за 700 милиони евра годишно. Тие се соучесници во уништувањето на македонскиот аграр, а сега и во уништувањето на државата.
Ленче Николовска


