Однесувањето на целата политичка јавност укажува на сосем изопачен заклучок дека Волот од Долно Водно може – ако сака – и да не го даде мандатот на собраниското мнозинство. Унисоното барање Волот да „ја преиспита својата одлука“ и сепак „да го даде“ мандатот е фактичка афирмација на неговото неуставно монархистичко – и воловско! – право „да не го даде“ мандатот.
Пишува Мирослав Грчев
Се сеќавам живо на изразот на баба ми, кога ми се закануваше – по бељата што сум ја направил – дека ќе ме „пребие ко вол во зелка“. На лицето ѝ се формираше гримаса што недвосмислено кажуваше дека е многу страшно да бидеш тепан како „вол в зелка“. Бидејќи баба ми беше родена во првата година од дваесеттиот век, во Австроунгарската империја, бев навикнат на јазични искази што произлегуваа од ситуации што ми се потполно непознати, но за оваа сликовита метафора – за волот во зелка, повеќепати барав објаснување, не затоа што не го паметев, туку затоа што секогаш одново ме засмејуваше. Елем, објаснувањето беше дека кога волот ќе скршне од стадото и ќе намириса нива со зелка, тој упаѓа во неа и почнува да ја јаде зелката со слепа и упорна страст, не обѕирнувајќи се воопшто на стаповите што бијат по него. Се разбира, токму тапата воловска себичност и инает, најмногу придонесуваа за пословично големиот ќотек што волот ќе го „изеде“ додека да ја сфати пораката.
А, зошто ви го раскажувам ова детско сеќавање, почитувани читатели? Веројатно затоа што на него ме потсети глупата и тапа упорност со која Ќенефот од Долно Водно „не го дава“, па „не го дава“ мандатот за составување влада на собраниското мнозинство. Навистина, има ли посликовита споредба на една егоистична и животински слепа безобѕирност, што без оглед на последиците и штетата за целата земја, и крвавите закани за целото население, ја одзрачува со своето криминално однесување Хорхе Еступидо, отколку што е тоа – „вол во зелка“? Но, во нашата килава стварност нешто суштински недостасува… А, да, тоа е ќотекот што волот заслужено го добива како одговор и повратна информација од општеството, што е, практично, и суштината на исказот, а што – како што гледаме – во случајот со полудениот Вол од Долно Водно во потполност изостанува…
Инаку, за ситуацијата во Македоња Вечна – и покрај застрашувачките навестувања за крвави и насилни сценарија – може без премногу цинизам да се рече дека е „нормална“ и дека работите „си се на свое место“. Иако се одржаа избори и се оформи собраниско мнозинство, тоа како во Вечна да не предизвикува никакви политички или институционални последици. Претседателот кој нема надлежност да одлучува дали „ќе го даде“ мандатот за составување влада, сосем вонуставно „не го дава“ мандатот, и се однесува како ништо и да не се случило: патува на бесмислени „службени“ посети на кои гордо ја шета својата севселенска глупост и нашата национална брука. За тоа време ВМРО без каков и да е легитимитет владее авторитарно фашистички со сите институции на државата, како да ги наследила од родителите. Се разбира, непостоечкиот легитимитет за својата нелегална диктатура тие сега го одржуваат со вадење на својата ментално ретардирана армија на улиците и со пропагандно заканување со оружено и крваво исходиште на секој обид за мирен и легален трансфер на власта. Со еден збор – ништо ново.
Она што навистина ме иритира во ситуацијата не е однесувањето на Волот од Долно Водно, кој, како да заталкал во зелка, ги уништува сите претпоставки на легалност, институционалност и државност во опустошената Македонија, ниту пак армијата ретардирани вмровци што се истури на улиците на команда на својот Господар, а, конечно, ниту однесувањето на ВМРО-Злосторничка, што сака вечно да владее од високите прозори на скопската Куќа на фашизмот. Не, кај нив сè е јасно: тие се партиско-мафијашка хунта со фашистичка идеологија – тие се криминалците што се борат за своето украдено! Но, она што навистина ја навредува моралната интуиција е однесувањето на сите други големи политички играчи во оваа македонска нива со зелка, а, пред сè, меѓународната заедница. Сите тие што – по природата на нештата – држат стап во рацете, наместо да удрат по волот што ја девастира нивата, тие се однесуваат кон него како да е налудничав монарх што од време на време паѓа во напресметлива јарост и, во тие моменти, најдобро било да му ш’шкаат, да го галат и да го пуштат да се смири, за да му се врати умот. Наместо да му порачаат на волот со муцка полна со листови зелка, дека тоа што го прави е казниво дело, тие му порачуваат дека ако биде добар и ако излезе од нивата, тоа нема да остави никакви последици по него! И, уште полошо, однесувањето на целата политичка јавност укажува на сосем изопачен заклучок дека Волот од Долно Водно може – ако сака – и да не го даде мандатот на собраниското мнозинство. Унисоното барање Волот да „ја преиспита својата одлука“ и сепак „да го даде“ мандатот е фактичка афирмација на неговото неуставно монархистичко – и воловско! – право „да не го даде“ мандатот.
Или, накусо речено, однесувањето како претседателот да може „да не го даде“ мандатот, создава ситуација во која еден неуставен и криминален чин фактички произведува правно дејство. Молењето тој криминалец да „ја преиспита својата одлука“ и да го „даде мандатот“, практично го поопштествува и го „легализира“ неговото индивидуално кривично дело во објективен политички проблем. А, би требало сите да се однесуваме како неговата одлука да е надвор од рамките на уставните норми, ништовна и без правно дејство, та воопшто и да не влијае на демократските процедури за воспоставување на законодавната и извршната власт во земјата. Собранието треба да се формира и да избере влада на националниот спас, а Волот во зелка треба да си го добие ќотекот што обилно го заслужил!


