Во текот на животот, секогаш нагласувал дека многу ги сака Париз и Венеција. Но, така било додека не ја открил Куба. Во Хавана првпат дошол со својата втора сопруга, новинарката Паулина Фајфер. Се воодушевил од Кубанците и од стариот дел на градот.
Од 1932 до 1939 година во неколку наврати доаѓал и си одел од Хавана, а престојувал во хотелот „Амбос мундос“, во собата 501. Во оваа соба што ја имал закупено, ја пишувал „За кого бијат камбаните“.
Всушност, со хонорарот заработен од оваа книга, вреден 40.000 долари, го купил имотот „Финка Вигија“ близу Хавана што чинел околу 18.500 долари.
Тогаш ја купил и јахтата „Пилар“ на која поминал 27 години, повеќе отколку што бил во Хавана. Многу сакал да лови риба. На Пилар“ имал и машина за пишување за да го забележи евентуално секој момент кога за тоа ќе добие инспирација.
Јахтата се наоѓала во рибарското село Кохимар. За тоа денес сведочат оригиналните фотографии во ресторанчето „Ла тераца де Којимар“ каде може да се испие и еден од омилените коктели на Ернест, легендарниот син „Дон Грегорио“.
Се смета дека ликот на Сантјаго (од „Старецот и морето“) е креиран по Григорие кој учествувал во фаќањето на големата бела ајкула кај Кохимар. И фотографиите од него „висат“ во „Ла тераца де Којимар“.
Други, сепак, велат дека „старецот“ е всушност капетанот на „Пилар“, а трети дека можеби ги отсликува ликовите и на едниот и на другиот.
Во Куба, додека траеле револуционерните превирања, Хемингвеј бил во добри односи со Фидел Кастро и ја поддржувал неговата опција, како што за време на шпанската граѓанска војна бил противник на Франко и фашистите.
По инвазијата на Заливот на свињите во 1961 година немало шанси да остане во Куба, не зашто некому сметал, туку зашто системот едноставно бил неодржлив – еден писател да живее со толку многу пари, додека се друго низ државата се национализира.
Хемингвеј се иселил на својот ранч во Ајдахо, но ситуацијата со депресијата драстично се влошила поради што бил испратен на клиниката „Мајо“ каде се лечел и од алкохолизам. По излегувањето од болница се обидел да се самоубие, по што бил вратен назад. Но, кога втор пат излегол, на втори јули 1961, неговата сопруга Мери не стигнала да го спаси. Се убил со пушка неколку месеци откако ја напуштил Куба.
Ни половина година по смртта на Хемингвеј, Фидел Кастро кој веќе бил на власт во Куба ја национализирал „Финка Вигија“, ја ставил во заштита на државата и од неа направил музеј.
Извор: МИА]]>


