Пред присутните гости на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, Ѓурчиновски истакна дека секоја генерација даде придонес и остави белег во развојот на Армијата.
-Да бидеме горди на достигнувањата зашто сите заедно успеавме и покрај сите предизвици во минатото, да станеме дел од најмоќната воена Алијанса во историјата на човештвото. Тоа е огромен успех на сите поранешни и сегашни припадници на Армијата. Имаме одговорност и патриотска должност да ги воспоставиме процесите за целосна интеграција на нашата Армија како полноправна членка во НАТО, порача началникот на ГШ.
Тој потенцира дека безбедноста, здравјето и благосостојбата на граѓаните ќе бидат приоритет за Армијата, но и нејзината трансформација по принципот „вистински луѓе на вистински места“, опремување и модернизација, како и доследно спроведување на обврските како полноправна членка на НАТО.
– Се соочуваме со невидлив непријател, КОВИД-19, но Армијата секаде и секогаш ќе се ангажира ако за тоа има потреба. Ќе продолжиме да се справуваме со пандемијата и со сите предизвици каде што можеме да помогнеме. Силата ја црпиме од професионалноста, посветеноста, исксутвото и знаењето. Армијата е на сите вас, во неа имате вистински пријател и сојузник кој нема никогаш да ве изневери, им порача Ѓурчиновски на граѓаните, независно од нивната, како што рече, етничка или религиска припадност.
По началникот на ГШ се обрати вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, а по неа следува обраќањето на претседателот на државата и врховен командант, Стево Пендаровски.
Одбележувањето на Денот на Армијата почна во 10 часот со почесна артилериска стрелба и со интонирање на македонска химна, на химната на НАТО, како и на химната на Армијата.

Со едноминутно молчење присутните им оддадоа почит на сите загинати и починати борци за слободата на државата, на загинатите и починатите припадници на Армијата, како и на сите жртви од КОВИД-19 во земјава и во светот.
На одбележувањето присуствуваат и премиерот Оливер Спасовски, генерали на Армијата и претставници на дипломатскиот и на воено-дипломатскиот кор во земјава.
Свеченоста се одржува согласно Протоколот за заштита од заразни болести за одбележување државни празници.
MИА
]]>


