“Тоа е неточно. Моите четири пиштоли се со дозвола издадена од МВР и на местото каде можеле да ги пронајдат беше и дозволата за нив. Таа дозвола беше важечка во моментот кога заминав од Македонија со цел да побарам политички азил заради политичкиот прогон на власта. Подоцна, по моето заминување можеби рокот на дозволата истекол, но јас не сум во Македонија и не сум во можност да барам продолжување на рокот на дозволата за оружјето. Оружјето заедно со дозволата и муницијата со документи за набавка на истата, пред се за случајно да не дојдат во раце на децата, беа сместени во мал заклучен сеф, користен само за тоа, така што никој друг не можеше да има пристап до истото”, пишува Груевски, кој веројатно сака да каже дека, ако е така, дозволата не е продолжена затоа што е “oправдано oтсутен”.
Тој повторно обвини за политички прогон, репресија и лажни вести и наводно “доведување на јавноста во заблуда”.
Што се однесува до уметничките слики, поголемиот дел биле добиени како поклон на свадба, тврди Груевски.
Во моментот поранешниот премиер, кој е недостапен за органите на правдата, е на листата на најбараните криминалци од МВР. За него е издадена и меѓународна потера. Тој е обвинет во неколку судски процеси, а во повеќето од нив државата го бара за злоупотреба на неговата тогашна службена положба, на државни пари, а во најновиот процес и на партиските пари на неговата матична партија ВМРО ДПМНЕ.


