„Почитувани,
Два дена по ред следам како еден политички субјект исклучиво заради сопствени политички цели се обидува да го извалка моето име и името на компаниите во сопственост на Заеви. За да биде јасно на целата македонска јавност, а посебно да се знае за злонамерната цел на политичката партија ВМРО ДПМНЕ сакам да го објавам следното:
Споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. Ниеден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви. Јас сум на службено патување од 23ти Март во Обединетите Арапски Емирати со цел проширување на работата на нашите компании, отварање на нови пазари за нашите домашни македонски производи и стекнување на нови партнери за соработка“, стои во статусот на Трајче Заев, објавен на Фејсбук.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска прашаа дали Трајче Заев избегал во Дубаи. Од партијата тврдат и дека еден од приведени во акцијата е Александар Ушликовски, негов личен возач, а дека пратката со марихуана тргнала од Фирмата Медика 420 од Битола.
Полицијата вчера соопшти дека во акцијата која ја спроведе заедно со американската агенција ДЕА е запленета 200 килограми марихуана, а дека до обвинителството поднеле кривични пријави против шест лица Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје.
МВР соопшти дека покрај претресите во домовите на приведените во кои се најдени пари, марихуана и оружје, извршена е контрола и во две фабрики за производство на медицински канабис во Прилеп и во Битола.


